Фудбал

Стадионот на велешки Борец ќе се реконструира

27. февруари 2020 - 15:52 | МИА / КАЈГАНА

Градскиот стадион „Зоран Паунов“ во Велес ќе се реновира во наредните осум месеци со 12,2 милиони денари средства обезбедени од Владата преку Агенцијата за млади и спорт. Со реконструкцијата, овој стадион ќе биде во согласност со меѓународните стандарди и ќе се овозможи да се одигруваат меѓународни натпревари.

При денешната најава на градежните работи од првата фаза на реконструкцијата директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски потенцира дека вложувањата во спортот и спортската инфраструктура е од голема важност.

- Преку инвестирањето и максималната поддршка овозможуваме поголема достапност на спортот за сите како и поголемо искористување на спортските капацитети, нагласи Каевски.

Градоначалникот Аце Коцевски оцени дека ова е значајна инвестиција за градот на Агенцијата за млади и спорт и потенцира дека со неа ќе се овозможи стадионот да биде во согласност со меѓународните стандарди и ќе овозможи и одигрување меѓународни фудбалски натпревари.

Тој рече дека во втората фаза очекува да се реши целосно проблемот со осветлувањето на стадионот, а да биде согласно ФИФА стандардите, како и реконструкција на потпорниот ѕид на стадионот.

Проектот во оваа прва фаза предвидува замена на кровниот покривач и на внатрешната столарија со нова од ПВЦ, поставување термоизолациска фасада и реконструкција на дел од подовите во соблекувалните. Со проектот се обезбедува набавка на опрема за наводнување на фудбалскиот терен и нов систем за користење соларна енергија за затоплување вода за туширање. Ќе се постави заштитна настрешница за излез на спортистите од соблекувалните до стадионот, ќе се пренамени веќе постоечки објект во тоалети за посетителите, а постоечките трибини ќе бидат реконструирани.
На дел од стадионот ќе биде поставена метална ограда, а за новинарските екипи е предвидена изградба на две платформи што ќе се користат за снимање на спортските натпревари.

На новинарско прашање на МИА, дали ќе се реконструира атлетската патека околу стадионот, директорот на Агенцијата за млади и спорт Каевски најави дека во некоја трета фаза ќе се разгледува и таа можност да се реконструира дотраената и уништена атлетска патека околу фудбалскиот терен.

Стадионот „Зоран Паунов“ најмногу го користи фудбалскиот клуб Борец кој сезонава се натпреварува во 1.МФЛ. Инаку, тоа е единствениот стадион во прволигашката конкуренција кој е во најдобра тревната состојба со оглед на тоа што има вештачка трева. Затоа, пак, трибините се во очајна состојба.

Коментирај