Живот

Стануваш доктор на науки и што сега – Дали повисоката диплома значи и работно место „по струка“?

14. септември 2018 - 14:53 | А.С.

Што значи завршувањето на универзитетско образование? Колку знаењето стекнато како магистер или доктор на науки ќе нѐ направи поподготвени за вистинскиот живот во професионална и приватна смисла?

Лора Кенеди одговара на овие прашања во текст објавен во „Ајриш тајмс“ што ние ви го пренесуваме во целост.

Пред четири години, во истиот овој весник, напишав текст за тоа како се заљубив во еден човек, човек кој е починат од 1677 година. Во март годинава напишав дрѕг текст за него, философот Барух Спиноза. Тогаш, бев на еден месец пред поднесувањето на мојот докторат по философија што беше под силно влијание на Спиноза и се одљубив од него.

Сметав дека ние двајца поминавме премногу време заедно и дека ни треба пауза. Сепак, знаев дека откако ќе поминеме некое време разделени, повторно ќе гравитирам кон него. Секоја жена би го направила истото. Таа негова темна коса, тие кафеави очи, тој проблематичен фазон на осаменик, таа холистичка идеја дека сѐ еднакво на Бога и природата во склоп на една универзална моноистичка супстанца. Просто неодоливо.

 Неделава го одржав испитот од кој се плашев – усното излагање на секој кандидат за докторанд кој ја брани тезата што ја напишал, наспроти прашањата и критиките на постари академици, во мојов случај, философи. Положив, и благодарение на емотивната поддршка на Спиноза (и секако моите пријатели, семејството и менторите), ги сиполнив условите да ставам „Др“ пред моето име, да се наречам експерт за Спиноза и философ на психологија.

Одбраната на докторатот, од бројни лични и професионални причини, за мене беше најтешкото патешествие во животот. Неколку пати бев на раб да се откажам, што сега сфаќам дека е прилично честа појава, но под „на раб“ подразбирам дека имав напишано мејл, ама се колебав да го испратам.

Всушност, завршив бидејќи знам дека мајка ми сакаше да докторирам и бидејќи се разболе токму додека јас ја пишував докторската теза. Паузирав додека беше болна и на умирање. Ако не го исполнев ветувањето што си го дадов себе си по нејзината смрт ќе го сметав за предавство на сѐ што таа жртвуваше за да ми го олесни студирањето.

Делумно, завршив бидејќи ако се откажев ќе ги реализирав стравовите што ги имам лично за себе си дека сум слаба или дека не сум доволно добра за да положам, а тоа ќе беше ужасно сознание со кое немаше да можам да живеам.

Делумно, завршив бидејќи го жртвував и забавив напредокот на други аспекти од мојот живот за да седам во соба со прекрасни мртви момци како Спиноза и Вилијам Џејмс и сметав дека заслужувам парче хартија што го потврдува знаењето за кое знам дека напорно работев за да го стекнам. На крајот на краиштата, тоа парче хартија е твојот влог на масата во општествениот и работниот свет. И делумно завршив бидејќи сметав дека иако мојата љубов за Спиноза и философијата се менуваше во текот на процесот, ме фрустрираше и понекогаш се чувствував дека целосно исчезнува, сепак секогаш беше тука. Стана сплотена со тоа што сум јас и со начинот на кој го гледам светот.

Кога ја прочитав книгата „Теза против образованието: Зошто образовниот систем е залудно трошење на време и пари“ на Брајан Каплан, се замислив.

Ми се чинеше бизарно што еден универзитетски професор напишал книга против универитетското образование, но книгата ве привлекува да ја читате. Каплан го прашува читателот што би избрал ако би можел да избере или универзитетска диплома (или каков било друг пишан документ) или знаење што подразбира квалификуваност за нешто без официјален сертификат со кој се добива работно место.

Неговиот аргумент, иако беше сочувствителен со и критички настроен кон квалификациите потребни за стекнување со високо образование за да се најде некакво вработување, дури и некое што нема врска со струката, е дека повеќето од нас би избрале диплома без знаење бидејќи сметаме дека образованието е алатка за вработување, а не вредност сама по себе.

Без радост и без поента акумулираме образование што не го вреднуваме, ниту го применуваме. Голем дел од квалификаците не ни ги зголемуваат шансите за наоѓање работа и ако едноставно сакаме знаење, тогаш не ни треба скапо универзитетско образование за да го стекнеме. Иако има многу ситуации во кои формалното образование е важно и директно применливо и корисно, голем дел од тоа што го правиме на факултет е неефикасно, смешно и без никакво оправдување.

Ако сѐ  што сакате е да научите, сѐ што ви треба е пристап до интернет, трпение и решителност.

Јас сум горда на себе што си го исполнив ветувањето кон моето формално образовние, но уште посреќна сум што носам со мака стекнато образование што го ценам и ќе го ценам во животот.

Коментирај