Свет

Стапката на самоубиство опадна во Шведска и Данска по легализирањето на геј браковите

15. ноември 2019 - 18:52 | А.С.

Стапката на самоубиство меѓу припадниците на ЛГБТ+ заедницата значително опадна во Шведска и во Данска откако геј браковите беа легализирани во овие две земји, покажа едно најново истражување.

Сепак, без разлика на брачниот статус, хомосексуалците генерално уште се најризична група, со најголем ризик за самоубиство.

Заедничкото истражување на данскиот Институт за превенција на самоубиства, со истражувачи од Универзитетот на Стокхолм, опфаќа споредба на стапките на самоубиство кај луѓето во истополови и хетеросексуални врски во периодот од 1989 до 2002 година и од 2003 до 2016 година.

Данска стана рвата земја во светот што ги легализираше истополовите граѓански партнерства во 1989 година, а соседна Шведска го направи тоа шест години подоцна. Истополовите бракови, што сега се легални во 28 земји, станаа легални во Шведска во 2009, а во Данска во 2012 година.

Истражувачите открија дека меѓу двата временски периоди, бројот на самоубиства меѓу луѓето во истополови заедници опаднал за 46%, во споредба со падот од речиси 28% во бројот на самоубиства кај луѓе во хетеросексуални врски.

„Иако стапките на самоубиство општо кај населението во Данска и во Шведска се намалуваат во изминативе години, стапката за оние во истополови бракови опаѓа многу подрастично, нешто што не било забележано досега“, покажува истражувањето во кое беа опфатени 28.000 луѓе кои биле во истополови партнерства во просек по 11 години.

Анет Ерлансен, водач на истражувањето, укажува дека заедно со легализирањето на други права на хомосексуалците, озаконувањето на истополовите бракови најверојатно го намалиле чувството на стигматизирање од општеството за некои хомосексуалци.

„Брачната состојба се покажа како превентивна против самоубиства“, изјави таа.

Ерлангсен исто така нагласува дека истражувањето, објавено во Journal of Epidemiology and Community Health, сепак покажува дека стапката на самоубиства кај луѓе во истополови бракови и заедници е повеќе од двојно повисока во споредба со самоубиствата на луѓе во хетеросексуални бракови.

„Се разбира, позитивно е да се види дека стапката на самоубиство се намалила речиси двојно. Уште е на загрижувачки високо ниво, особено имајќи предвид дека стапката на самоубиства може да е поголема кај оние кои не се во брак“, изјави таа за данскиот весник Information.

Според извештај од 2008 година во кој е направена споредба на 35 студии од 10 земји, младите ЛГБТ+ луѓе имаат најмалку три пати поголем ризик за обид за самоубиство во споредба со хетеросексуални млади на истата возраст, но дека тој ризик може да се намали со носење закони и легислативи во полза на еднаквоста по прашање на сексуалната ориентација.

Иако Скандинавија има репутација на прогресивен лидер во поглед на ЛГБТ+ правата, истражување објавено минатиот месец покажа дека речиси една третина од мажите во Данска сметаат дека сексот меѓу двајца мажи е морално погрешен.

Коментирај