Лука Дончиќ ниту во третиот натпревар за ЛА Лејкерс не играше на препознатливото врвно ниво.

Неговиот нов тим на домашен терен загуби со 97:100 од Шарлот Хорнетс, што за Дончиќ и Лејкерс е втор пораз по ред.
Леброн Џејмс во последните пет секунди од натпреварот двапати шутираше тројка за израмнување, но двата обиди беа неуспешни. Лејкерс во последните 6:39 минути од играта ги промашија сите 10 шута кои ги упатија кон кошот на гостите. Иако Џејмс го расипа впечатокот со промашувањата на крајот, сепак беше најдобар играч на домашниот тим со 26 поени, седум скока, 11 асистенции и две блокади.
Лука Дончиќ за 33 минути постигна 14 поени, 11 скока и осум асистенции. Наизглед солиден учинок, но подетален поглед зад овие бројки открива многу послаби резултати.
Новата ѕвезда на Лејкерс од игра шутираше 5/18, односно со само 27,8 проценти успешност. За тројка пак беше катастрофален – погоди само еден од девет обиди, или 11 проценти. Лошата шутерска вечер ја надополни и со многу изгубени топки – шест.
Затоа по третиот натпревар на Дончиќ за Лејкерс, неговата шутерска статистика стана вирална на социјалните мрежи. Во трите натпревари за Лејкерс, Дончиќ има успешност од 36 проценти од игра, 21 процент за тројка и 58 проценти за слободни фрлања.
Luka Doncic is shooting 36/21/58% as a Laker. pic.twitter.com/O9pNabfhRM
— StatMuse (@statmuse) February 20, 2025