Останаа уште 9 недели до почетокот на доигрувањето во НФЛ, а љубителите на американскиот фудбал можат да бидат среќни затоа што сведочат на најизрамнетата сезона во изминатите девет децении.
Според податоците кои ги нуди официјалната веб-страница на НФЛ, просечната разлика во постигнати поени на крајот на натпреварите од оваа 2022 сезона изнесува 9,29.
Последен пат кога НФЛ сезона завршила со ваква или пониска разлика било во далечната 1932 година, а просечната разлика тогаш гласела 9,13 поени.
Минатата недела дури 12 од 14 натпревари биле во четврта четвртина со разлика помала од едно поентирање (8 поени или помалку). Тоа беше најнеизвесно од првите десет кола во оваа сезона.
Во Македонија љубителите на американскиот фудбал и оваа сезона натпреварите ги гледаат на каналите на SportKlub. Сезоната почна на 8 септември, а регуларниот дел ќе заврши на 8 јануари. Плеј-оф натпреварите почнуваат на 14 јануари, додека Супербоулот е закажан за 12 февруари на „Стејт Фарм“ стадионот во Глендејл во Аризона.