Стефан Спасов, актер кој уште од мал знаел дека сцената е неговото вистинско место, сега е дел од претставата „Замисли нов свет“ - значаен проект на Македонски Телеком во соработка со МНТ, по идеја на агенцијата Saatchi&Saatchi, дел од Publicis Groupe. Во време кога ретко се вложува во културата, токму Телеком овозможува овој проект да се случи, создавајќи простор за младите актери да ја споделат својата уметност со пошироката публика. Стефан, со својата страст кон глумата и желба за импровизација, ни раскажува што значи да се биде дел од ваква уникатна претстава и како поддршката од Телеком влијае на културната сцена.
Стефан, уште како дете сте знаеле дека глумата е вашиот пат. Какво е чувството да бидете дел од проект како „Замисли нов свет“, кој носи значење и влијание врз нашата култура?
– Се радувам на секој проект кој го работам, без разлика дали е во театар или филм, но овој ми е особено значаен поради симболиката која ја носи со себе. Личност која оставила толку голем траг на македонската култура, како Горан Стефановски, заслужува да биде постојано присутен во нашите разговори, книги, театри.. Затоа ми е исклучително драго што ја реализираме оваа претстава, инспирирана токму од него. Покрај тоа, навистина ми е драго што овојпат имам да соработувам со повеќе колеги со кои досега немам работено – колеги од други театри и од различни генерации. Тоа ми дава можност да видам како тие работат и да разменам искуства со нив, со што си помагаме да се надградиме како актери.
Вие сте познат по тоа што сакате да импровизирате и да внесувате личен печат во улогите. Колку слобода имате да го направите тоа во оваа претстава и што би сакале публиката да почувствува преку вашата изведба?
– И овојпат имам среќа што режисерката Нела Витошевиќ ми дава голема слобода и ме остава да бидам свој на сцената. Но, многу е важна и поддршката што ја добивам од колегите, бидејќи кога имаме разбирање на сцената подобро се надополнуваме и самиот производ станува илјадапати подобар. Секако тука големо влијание има и публиката, што знае да ги препознае и да ги награди таквите моменти. Секоја изведба сакам публиката да ја почувствува слободата, љубовта кон работата и кон колегите и нашата тимска игра.
Телеком преку иницијативата #НаправиМесто создаде простор за младите уметници како вас да го споделат својот талент. Колку е значајна оваа поддршка за вас и за развојот на културната сцена во земјата?
– Секој млад актер гори од желба да добие поддршка и признание, пред сѐ од заедницата во која работи. Многу сум среќен што една голема компанија како Телеком реши да иницира ваков голем и значаен проект, инспириран од ликот на Горан Стефановски. Уште посреќен сум што на овој начин и новите генерации ќе се запознаат со неговото творештво, на сцената, онака како што и тој самиот би сакал. И се разбира, се радувам што оваа задача ѝ беше доверена на режисерката Нела Витошевиќ, која реши да ја „прошара“ актерската екипа со млади и со искусни актери, што ни покажува токму на нас помладите дека сме значаен дел од сцената.
Што значи за вас лично да бидете дел од претстава во која се вткаени делата на Горан Стефановски? Како неговите пораки влијаат на вашето гледање на општеството и на улогата што ја играте?
– Лично за мене е многу убаво чувството да се игра во било што напишано од Горан, особено на еден ваков колаж од повеќе негови драми. Но, исто така е и предизвик за кој сум секогаш подготвен. Горан би го издвоил како најдобар драмски писател од нашата земја: тој е човек што пишува за обични луѓе и за човечки особини кои се преубави за играње бидејќи сè треба да изгледа природно и убаво и со доза на ненаметлив шарм. Неговите пораки и ден денес влијаат врз мене, особено оние од неговите драми што се напишани одамна, а гледаме дека времето не сменило ништо на овие простори. Неговите пораки се понекогаш носталгични, но преточни. А сепак, ни даваат надеж дека некогаш работите можат да станат подобри.
Што би сакале младата публика да понесе од оваа претстава, особено знаејќи дека е поддржана од еден голем бренд кој ја цени културата, каква порака сакате да се остави?
– Горан пишува за луѓето, како што споменав и претходно. Затоа сакам публиката да ја гледа претставата и да остави таа да им влезе во глава, најубаво и најприродно, без никакви предрасуди. Само да го слушаат текстот и да размислат со чиста и отворена душа за што се работи и што сакаме да кажеме преку него... и сè ќе им биде јасно. Фактот дека оваа претстава е поддржана од еден голем бренд како Телеком треба да ни биде дополнителна мотивација да веруваме дека работите можат да бидат подобри. Ваквите примери можат да повлечат и други компании да инвестираат во културата и да отворат повеќе можности за младите луѓе тука.