Свет

Столтенберг: НАТО ќе има цврст, но праведен однос кон Русија

16. септември 2018 - 9:08 | МИА

Вашингтон, 16 септември 2018 (МИА) - НАТО нема намера да отстапи пред Русија, туку ќе остане на цврстиот, но праведен однос кон Москва во врска со приемот во членство на поранешните советски републики, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.  

„За нас не е противречно да се биде цврст во пристапот кон Русија, како што сме, но во исто време и да бараме дијалог“, изјави синоќа Столтенберг во обраќање пред присутните во конзервативната фондација Herritage во Вашингтон.

Првиот човек на Алијансата истакна дека НАТО не сака конфронтација, но вината за лошите односи меѓу Северноатлантскиот пакт и Русија и ја припиша на Москва и нејзината „подготвеност за употреба на сила против соседите“.

„Гледаме една Русија која ја обновува старата моќ, која вложува во различни капацитети и во разузнавачките служби“, истакна Столтенберг, додавајќи дека токму ваквиот пристап на Москва ги натерл членките на НАТО, првпат по завршувањето на Студената војна, да ги зголемат трошоците за одбраната.

Како што јави Гласот на Амрика, тензиите меѓу Русија и Западот почнаа да се зголемуваат по интервенцијата на руската армија во Грузија пред 10 години, а го достигнаа својот врв со анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Москва во 2014 година.

Коментирај