Македонија

Столтенберг се надева дека земјата ќе стане полноправна членка до декември

25. јуни 2019 - 11:40 | МИА
Брисел, 25 јуни 2019 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази надеж дека процесот на ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија ќе се заврши до декември годинава, и дека на претстојниот самит на НАТО во Лондон земјата ќе стане полноправна членка.

Столтенберг ја упати пораката ден пред почетокот на министерскиот состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел и на кој учествува македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска.

-Сите сојузници го потпишаа пристапниот протокол во февруари и потоа започнаа ратификациите, ратификациите одат доста брзо, обично, како што беше кога Црна Гора се зачлени, потребна е околу една година. Не е до мене колку брзо ќе ратификуваат, но би било многу добро ако можат да завршат до декември кога во Лондон ќе се состанат лидерите. Ако не биде тогаш, очекувам да се случи брзо потоа, изјави генералниот секретар на Алијанса, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој нагласи дека Северна Македонија ги исполнува стандардите за членство во НАТО и повторно ги пофали премиерите на Грција и Македонија за нивната храброст во решавањето на спорот за името.

Членството на Македонија во НАТО за Алијансата претставува и сигнал дека политиката на отворени врата успешно функционира.

-Проширувањето на НАТО е голема успешна приказна која помогна во ширењето на просперитетот, стабилноста и демократијата во Европа, истакна Столтенберг.

На утрешниот министерски состанок на НАТО, министрите за одбрана ќе разговараат за буџетските прашања и таргетот од два отсто од БДП кој земјите треба да го постигнат до 2024-та година. На дневен ред ќе биде и спорот со Русија околу нуклеарната повелба која Москва ја прекршува, а ќе се разговара и за предизвиците и можностите за развивање на вселенска програма на ниво на НАТО Алијансата, најави генералниот секретар. 

Коментирај