Свет

Стотици гости биле скришно снимани во хотелски соби и стримувани на интернет

20. март 2019 - 18:23 | А.С.

Околу 1.600 луѓе биле скришно снимани додека престојувале во хотелски соби во Јужна Кореја, а снимките биле стримувани во живо на интернет за муштерии кои плаќале за овој онлајн воајеризам, соопшти полицијата.

Двајца мажи се уапсени, а уште две лица се под истрага за поврзаност со скандалот во кој биле користени 42 соби во 30 хотели во 10 градови низ земјата. Полицијата соопшти дека нема индикации дека хотелите учествувале во измамата.

Камерите биле скриени во ресиверите за дигитална телевизија, во штекери и држачи за фен, а снимките биле емитувани во живо онлајн, соопшти Одделот за сајбер криминал на Националната полициска служба.

Веб страницата на која биле стримувани снимките имала 4.000 членови, од кои 97 плаќаат дополнителна месечна членарина од 44,95 долари за екстра содржини, како можност за враќање на одредени стримувани снимки.

Во периодот од ноември, 2018 година до овој месец, стриминг сајтот заработил најмалку 6.000 долари.

„Имавме сличен случај претходно во кој камери беа нелегално поставени во хотели без знаење на гостите, но ова е прв случај снимките да бидат емитувани во живо на интернет за пари“, соопшти полицијата.

Јужна Кореја има сериозен проблем со шпиунски камери и незаконско снимање. Во 2017 година во полиција  биле пријавени над 6.400 случаи на недозволено снимање, во споредба со околу 2.400 во 2012 година.

Коментирај