Здравје

Страсните фудбалски навивачи ризикуваат срцев удар додека гледаат натпревар со омилениот тим

28. јануари 2020 - 17:29 | А.С.

Посветените фудбалски фанови доживуваат толку интензивни нивоа на психички стрес додека гледаат натпревар на кој игра нивниот тим, што се ставаат во ризик од срцев удар, покажува најново научно истражување.

Во истражувањето на научници од Оксфорд биле тестирани примероци плунка на навивачи од Бразил за време на историскиот пораз од Германија на Светското првенство во 2014 година.

Резултатите покажале дека нивото на хормонот кортизол било драстично зголемено за време на натпреварот од полуфиналето на СП што Бразил го изгуби со 7:1.

Ваквото зголемување на нивото на кортизол може да биде опасно бидејќи го зголемува крвниот притисок и го оптоварува срцето.

Научниците велат дека немало разлика во нивото на стрес кај мажите и жените опфатени во истражувањето, иако постои верување дека мажите се „повеќе поврзани со нивните омилени тимови“.

„Навивачите кои чувствуваат тесна поврзаност со својот тим, односно веруваат дека се ‘едно со тимот’, доживуваат најголемо ниво на психички стрес додека гледаат натпревар“, вели доктор Марта Њусон, истражувач при Центарот за истражување на социјалната кохезија при Универзитетот Оксфорд.

„Навивачите кои не се толку поврзани исто така доживуваат стрес, но не на толу екстремно ниво“, вели таа.

Зголеменото ниво на кортизол исто така им дава на луѓето чувство дека им претстои неизбежна пропаст, дека животот им е во опасност или дека се нападнати.

Претходни истражувања покажале дека има зголемување на бројот на срцеви удари кај фубалски обожаватели на денови кога нивниот тим има важен натпревар, без разлика дали се работи за репрезентација или за клуб.

Коментирај