Свет

Страв од епидемија: Вухан под итен карантин поради корона вирусот

22. јануари 2020 - 11:54 | МИА/КАЈГАНА

Кинеските здравствени служби воведоа строги мерки за итен карантин во Вухан, во обид да го спречат ширењето на корона вирусот и појава на епидемија, откако нагло порасна бројот на жртви.

Националната комисија за здравство исто така ги овласти болниците ширум земјата да ги стават во карантин и сите пациенти за кои се стравува дека се потенцијални носители на вирусот, како и луѓето кои биле во близок контакт со нив.

Кинеските власти ги предупредија граѓаните да не патуваат во Вухан, а оние кои се веќе таму да не го напуштаат овој град од девет милиони жители, од каде почна забрзано да се шири новиот корона вирус.

На граѓаните, исто така, им се препорачува да избегнуваат јавни собири и метеж.

„Не одете во Вухан. А оние кои се наоѓаат во Вухан да не го напуштаат градот“, предупреди потпретседателот на Националната здравствена комисија Ли Бен.

Новиот вирус се прошири од Вухан во 13 кинески провинции и неколку држави.

Потврдени се 440 случаи на заболени од вирусот. Кинеските власти признаа дека земјата се наоѓа во „најкритична фаза“ на превенција и контрола на болести.

Потврдено е дека вирусот, кој е познат под името 2019-mCoV, се пренесува од човек на човек.

Симптомите на инфекцијата вклучуваат треска и проблеми со дишењето.

Коментирај