Свет

Страв од револт - жолтите елеци станаа поопасни од дрога

11. декември 2018 - 17:42 | МИА/КАЈГАНА

Египетските власти ја ограничија продажбата на жолтите елеци кои станаа симбол на социјалното движење во Франција, стравувајќи дека може во земјата да се разгори народен револт како оној во Франција.

– Продажбата на жолти елеци во Египет, што е контролирана од полицијата, веќе не е можна без дозвола, тврдат локалните трговци.

– Продажбата на тие елеци станува поопасна од продажба на дрога, вели анонимен трговец, појаснувајќи дека дошле претставници на службата за национална безбедност и побарале да се запре продажбата.

Во Египет, за секаков вид протести неопходна е дозвола од полицијата.

Гислан Кутар, автомеханичар од Нарбон, стои зад идејата демонстратите во Франција да носат жолти елеци. Кутар е еден од ретките луѓе кој се поврзува со таканаречените „Жолти елеци“, движење кое протестира од ноември поради новите даноци за гориво. Токму тој беше човекот , кој во едно видео, предложи сите демонстранти да добијат жолт елек, објави Deutche Welle.

По бурните настани ширум Франција, претседателот Емануел Макрон вчера имаше обраќање до нацијата. Во 13-минутниот телевизиски говор, осврнувајќи се на барањата на движењето на „жолтите елеци“, францускиот претседател изјави дека прогласува „социјална и економска вонредна состојба“.

Коментирај