Строматолитите распослани ширум светот претставуваат необични формации кои во себе ја чуваат тајната за потеклото на животот на нашата планета.

Под нас се наоѓаат слоеви од камења и земјиште кои се таложеле со милиони години, а во нив има траги од некогашниот живот и докази за еволуцијата. Некои од овие карпи, како што се строматолитите - настрануваат од фотосинтетски микроби, и можат да бидат стари и над 3 милијарди години. Токму една таква карпа е пронајдена во Западна Австралија во формацијата Дресер, а со нејзино проучување научниците дошле до интересни откритија.
Имено, со цел да откријат што се наоѓа во карпите кои по својот состав многу наликуваат на формациите кои се наоѓаат на Марс, палеонтологот Кејрон Хикмен-Луис од Природниот музеј во Лондон и неговиот тим ги искористиле предностите на модерната технологија и направиле 2D и 3D снимки со висока резолуција. На нив воочиле нерамни слоеви, составени од помали куполи - кои укажуваат на процесот на фотосинтеза кој го обавувале микробите заробени во внатрешноста на строматолитите и тоа пред дури 3,48 милијарди години.
Сепак, додаваат дека ова најверојатно не се најстарите траги од живот откриени на нашата планета, бидејќи таа чест можеби им припаѓа на строматолитите откриени на Гренланд - стари 3,7 милијарди години, или можеби дури и на едни микрофосили од Канада за кои постои сомнеж дека се стари 4,29 милијарди години. Тие додаваат дека е многу тешко да се разликува биолошки живот од неорганските процеси во овие карпи, така што овие и слични наоди се многу контроверзни и потребно е многу проучување за да се дојде до прецизни податоци.
Резултатите кои ги објави списанието Geology укажуваат на тоа дека т.н. микробни простирки од строматолити откриени во формацијата Дресер, настанале во плитка лагуна во која се наоѓале хидротермални отвори поврзани со океанот. А, интересен податок е тоа што научниците во иднина ќе можат на сличен начин да ги проучуваат формациите на Марс кои имаат сличен состав.