Хроника

Судење за „Ласкарци“: Возачот не разговарал на мобилен

28. јануари 2020 - 13:07 | МИА

Скопје, 28 јануари 2020 (МИА) – Возачот на автобусот на „Дурмо турс“ што се преврте кај Ласкарци, не разговарал на мобилен телефон и не задремал, но можно е да се завртел кон лево со телото или пак да погледнал надолу пред него, истакна вештото лице кое денеска одговараше на вкрстени прашања во Кривичниот суд за автобуската несреќа што се случи на 13 февруари лани, а во која загинаа 16 лица.

Вештакот појасни дека при вештачењето утврдиле со сигурност дека возачот не разговарал на мобилен и дека за свртувањето на автобусот кон лево при што излетал од автопатот можно е да се свртел кон лево со телото што, како што рече, автоматски го завртел и воланот кон лево или пак погледнал надолу пред себе што било доволно, поради брзината со која возел, да излета од патот.

На прашање на адвокатката на еден од обвинетите, вештакот рече дека при подготовка на наодот немале увид во лекарската документација на возачот за неговата здравствена состојба, на што одбраната истакна дека од Обвинителството намерно не ги доставиле тие лекарски наоди до Бирото за вештачење за да се утврди постоечкиот вешт наод.

Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“  Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело. 

Коментирај