Македонија

Судењето за „Траекторија“ продолжува на 10 мај

18. април 2019 - 13:40 | МИА
Скопје, 18 април 2019 (МИА) – Со изведување на материјални докази денеска во Кривичниот суд во Скопје се одржа рочиште за случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство.

Од СЈО ја изведоа документацијата од консултантските услуги за концесија на патишта со наплата на патарина, меѓу другото составена од финансиски извештај и правна рамка за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Имено на денешното рочиште, обвинителството приложи докази, односно документи кои биле изготвени за фирмата изведувач, при што се пронаjдени грашки во преводот кои се однесуваат на сумите за изведба на одредени градежни работи, гарантот на сумите и во однос на тоа за кој автопат станува збор во конкретниот документ.

Судијата Горан Бошевски побара да се испрати покана до тројца вештаци, посочувајќи дека судењето, на 10 мај, продолжува со нивни искази.

Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра. 

Коментирај