Тенис

Судир на титаните на Вимблдон: Финале пред финалето

12. јули 2018 - 13:51 | М.Д.

Бранителот на титулата во Вимблдон, Роџер Федерер, неочекувано го заврши своето учество уште во четвртфиналето, после маратонски дуел во кој славеше Кевин Андресон. Но, во истиот ден тенискиот свет и се израдува на веста дека веќе во следната рунда, во петок, ќе гледаат финале пред финалето, уште една епска пресметка помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал.

Ѓоковиќ во четвртфиналето беше убедлив против Кеј Нишикори, па стигна до триумф од 3:1 во сетови, додека Надал после пет часа голема битка на теренот, успеа да го елиминира Хуан Мартин Дел Потро и да си обезбеди настап во полуфинале.

Двајцата играчи, кои влегуваат во категоријата на најдобрите кои тенисот некогаш ги имал, си закажаа нова пресметка, овој пат полуфинална и тоа на големиот Вимблдон. Ова ќе биде вкупно 52 нивен меѓусебен дуел.

Новак има блага предност, поточно води со 26:25, иако Шпанецот ги доби последните две средби - во полуфиналето од Мастерс турнирот во Мадрид минатата година (6:2, 6:4) и оваа сезона во Рим (7:6, 6:3).

На Вимблдон досега се сретнаа двапати, а резултатот е изедначен (1:1) - прв пат во полуфиналето во 2007 година, кога Новак го предаде тој меч во третиот сет, додека Србинот славеше во финалето од 2011 година, кога го доби Шпанецот со резултат од 6:4, 6:1, 1:6, 6:3.

Надал сигурно се присетил на тој меч, кога после маратонот во среда навечер, сфати дека мора да направи се за да биде подготвен пред нова, веројатно и уште потешка задача.

„Пресреќен сум што ќе играм во полуфинале на Вимблдон после долго време. Сега е време за прослава, но веќе размислувам за тоа како морам да се подготвам за нов меч во петок“, изјави Надал по победата, кој последен пат помеѓу четирите најдобри на Вимблдон, се најде токму во таа 2011 година.

„Ќе играм против Ѓоковиќ, кој секогаш е помеѓу најтешките противници. Ќе биде тоа уште еден голем тест за мене. Против него секогаш мораш да играш најдобар тенис“, порача најдобриот играч на светот.

Ѓоковиќ многу побргу, па и полесно, избори пласман во полуфинале, совладувајќи го Нишикори во четири сета, и на тој начин ја оправда улогата фаворит од сенка, бидејќи Србинот моментално е 21 тенисер на светот.

И пред доаѓањето на Вимблдон одигра одлично на трева, а на најпрестижниот турнир на светот продолжи во тој ритам.

„Се радувам на предизвикот кој следува. Надал е во топ форма, доминираше цела сезона на земја. На Вимблдон немаше многу успеси во последните три или четири години, па можеби тоа е мојата шанса. Верувам со својата игра, мислам дека заслужив да бидам дел од полуфиналето, поради она што го прикажав оваа сезона во дуелите на трева и ако играм како што тоа го правев досега, сметам дека имам добри шанси за победа“, порача Ѓоковиќ по победата во четвртфиналето.

Коментирај