Финалето на НФЛ во американскиот фудбал, попознато како Супербоул, отсекогаш било голем настан, но годинешното издание ќе остане запаметено по неговата рекордна гледаност.
Супербоул од година во година привлекува голем број гледачи поради шоуто на полувремето, а годинешното издание на различни платформи ширум светот го погледнале 123,4 милиони гледачи.
Да потсетиме, Канзас Сити Чифс го совлада Сан Франциско 49-ерс со резултат 25:22 по продолжението во неделата навечер. Спектаклот се одигра во Лас Вегас пред рекорден број гледачи, а се истакна одличниот бек Патрик Махомес кој му намести тачдаун на Меколе Хардман за победа и конечен резултат.
Тоа беше трета шампионска титула за Чифс во последните пет сезони. Пред четири години во финалето ги победија 49-ерс, додека лани беа подобри од Филаделфија Иглс.
Угледните американски медиуми објавија дека тоа е вториот најгледан пренос во историјата на Соединетите Американски Држави по историската мисија Apollo 11 во 1969 година кога Нил Армстронг стана првиот човек што стапна на Месечината.
Се проценува дека меѓу 125 и 150 милиони луѓе во САД го следеле историскиот настан.
Податоците на Nielsen покажуваат дека гледаноста во неделата е зголемена за седум отсто во однос на минатогодишниот Супербоул, кој забележа 115,1 милиони гледачи.