Disney објави трејлер за претстојната играна адаптација на приказната за Снежана, насловен Snow White.
Со овој филм од самиот почеток се поврзуваат разни скандали, најмногу со главната актерка Рејчел Зеглер, која ја игра Снежана.
Зеглер, која на многумина им е позната по улогата во приквелот на Hunger Games, ги налути обожавателите на оригиналната приказна кога анимираниот филм го нарече „морничав и воајерски“. Таа особено налути дел од јавноста по претседателските избори во Соединетите Американски Држави, кога во објава на социјалните мрежи по победата на Доналд Трамп напиша дека сака неговите гласачи „никогаш да не најдат мир“, пишува IndieWire.
Првиот тизер Disney го објави уште во август, а коментарите од гледачите и тогаш беа главно негативни. Многумина напишаа дека она што го виделе е ужасно. Сега, по првиот трејлер, коментарите не се ништо поразлични. Малку поинаквата верзија на приказната за Снежана, која се бори за своето кралство и не сака да најде љубов, поттикна многумина да навиваат за победата на злобната кралица, која ја игра Гал Гадот.
Набрзо откако беше објавен на каналот на Disney на YouTube, многумина решија да ги споделат своите размислувања за трејлерот за адаптацијата во живо на анимираниот филм.
Повеќето од коментарите беа негативно насочени кон Зеглер, а некои избраа да го критикуваат Disney, кој има „потреба да прави играни филмски верзии на одлични анимирани филмови“, како и начинот на кој се прикажуваат одредени ликови.
„Џуџињата изгледаат ужасно. Како би можеле да ги направат толку лоши?“, „Импресиониран сум што Дизни беше доволно храбар да остави опција да пишува коментари“, „Знаеш дека ова е бајка кога Гал Гадот е љубоморна на Рејчел Зеглер“, „Тизерот за филмот беше лош, но трејлерот е катастрофа“, „Некој во Disney треба да биде отпуштен поради овој филм и начинот на кој ги прикажуваа џуџињата“.
„Мислам дека ова е првиот филм во кој сите ќе навиваат за негативецот“, „Фактот што се обидуваат да нè убедат дека жена како Гал Гадот би била љубоморна на Рејчел Зеглер, која изгледа како Лорд Фарквад од Шрек е најсмешното нешто што сум го видел“, „Disney едноставно треба да престане да прави играни адаптации, сите се страшни“, „Нема пари што би можеле да ме натераат да одам да го гледам овој филм“, се само некои од многу негативни коментари за трејлерот.
Snow White доаѓа во кината во март.