По повод 114-годишнината од Конгресот на Битола, првиот потпретседател на Владата, Артан Груби денес организира свечена Академија.

Како што информираат од кабинетот на Груби, на централната манифестација за Денот на азбуката на албанскиот јазик е предвидено да учествуваат премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и лидерот на политичката партија ДУИ, Али Ахмети.
Претседателот на Собранието Талат Џафери по повод Денот на Азбуката – 22 Ноември упати честитка до припадниците на албанската заедница во Република Северна Македонија.
– Дозволете ми во име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, со особена радост да Ви упатам срдечни честитки по повод еден од најзначајните албански празници, 22 Ноември – Денот на Азбуката, со искрени желби за бескрајни успеси и напредок на Албанците каде и да се, стои во честитката.

Претседателот на Собранието потсетува на значењето на празникот.
– Битолскиот конгрес, пред точно 114 години, беше собирот што го донесе најценетиот продукт за еден народ, унифицираната азбука со која пишуваме, читаме и го шириме нашиот јазик, култура, обичаи, посебности и фолклорни традиции и уште поважно, азбуката со која се роди и го започна својот пат националната борба за културно осамостојување на светско ниво и силна поддршка на националниот идентитет и политичкото осамостојување на албанскиот народ, се вели во честитката.
Посакувам, како што се наведува во честитката, празникот да го поминете во свечена атмосфера, со убави мисли и дела, како што и доликува на овој ден, додаде тој.

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Северна Македонија.
-Почитувани сограѓани Албанци, нека е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука. На овој празник се потсетуваме на еден од најважните моменти од развојот на албанскиот јазик и култура. Свесни дека, според зборовите на Ѓерѓ Фишта, се собрани за да ја изберат азбуката, којашто ќе биде најполезна за образовно и културно издигнување на народот, делегатите на Битолскиот конгрес во 1908 година донеле историски одлуки за унифицирање на албанската азбука. Со тоа, тие го отворија патот за натамошен образовен и културен развој на албанскиот народ и го отклучија творечкиот потенцијал на генерации автори кои ќе создаваат вредни книжевни дела, наведува Пендаровски.
Претседателот во честитката нагласува и дека со чествувањето на овој празник, се потврдува посветеноста на Република Северна Македонија кон негувањето на соживотот во македонското мултиетничко и мултијазично општество.
-Соживотот е плод на довербата која, пак, фаќа корен тогаш кога луѓето го почитуваат и поддржуваат идентитетот на другиот. Ваквата доверба е неопходна за поуспешно да се справуваме со нашите заеднички предизвици и да градиме праведно општество со еднакви можности за сите македонски граѓани, истакнува Пендаровски.