Светската здравствена организација соопшти дека светот се соочува со недостиг на ефикасни антибиотици како резултат на зголемената отпорност на болестите од лековите.
Оваа организација соопштува дека нема доволно нови антибиотици чиј развој е во тек, со цел лекување на најотпорните инфекции, како што е туберкулозата, од која годишно умирааат речиси 250.000 луѓе.
Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Адханом Хебрејсус истакна дека антимикробната отпорност е „итен случај во глобални размери“, кој сериозно ќе го загрози напредокот на модерната медицина.
„Итно се потребни повеќе инвестиции во истражувања и развој на полето за лекување на инфекции отпорни на антибиотици, вклучувајќи ја и туберкулозата. Во спротивно ќе се вратиме во времето кога луѓето биле исплашени од најобичните инфекции и кога ќе биде ризично да се извршат и наједноставните операции“, изјави Хебрејсус.
Од здравствената организација информираат дека постојат 12 класи патогени кои се одговорни за вообичаените инфекции, како што се белодробното воспаление и воспалението на уринарниот тракт, кои стануваат се поотпорни на постоечките антибиотици.