Кошарка

Светските ѕвезди му оддаваат почит на Коби Брајант

27. јануари 2020 - 9:24 | М.С.

Брајант и неговата 13-годишна ќерка Џиана, загинаа во хеликоптерска несреќа во Калифорнија. Во урнатиот хеликоптер животот го загубија вкупно девет лица. 

Мајкл Џордан, рече дека Коби Брајант го чувствувал како помал брат.

„Нема зборови со кои можам да ја опишам болката што ја чувствувам. Го сакав Коби, тој беше како мој помал брат“, напиша Џордан на социјалните мрежи.

И Новак Ѓоковиќ тагува по Коби Брајант.

„Моето срце искрено жали. Коби беше мојот ментор и пријател. Ти и твојата ќерка засекогаш ќе останете во нашите срца. Зборовите не можат да го изразат најдлабокото сочувство до семејството Брајант и до сите оние што страдаат заради оваа трагедија. Почивај во мир, пријателе“, напиша Ѓоковиќ на социјалните мрежи.

Леброн Џејмс со солзи и неверување пристигна во Лос Анџелес. 

Кристијано Роналдо на Twitter напиша дека Коби беше инспирација на секој кој го познавал. Тој изрази сочувство на неговото семејство и на крај додаде: „Почивај во мир, легендо“.

Поранешниот тренер на Лос Анџелес Лејкерс, Фил Џексон за Коби Брајант рече дека беше посебен.

„Несреќата е трагедија за многу семејства. Моето сочувство до Ванеса и до семејствата кои ги изгубија своите роднини. Коби беше посебен. Нашиот однос беше многу повеќе од однос помеѓу тренер и играч, имавме посебна врска“, изјави Џексон.

Пораки со сочувство пратија и претседателот Доналд Трамп, како и неговиот претходник Барак Обама, кој беше близок со Брајант.

„Коби беше легенда на теренот и штотуку го започна вториот том од својот живот, полн со значење како и првиот. Загубата на Џијана е уште потрогателна за нас како родители. Мишел и јас праќаме љубов и се молиме за Ванеса и за целото семејство Брајант“, напиша Обама.

На доделувањето на Греми наградите, беше одржан говор во чест на Кобе. 

Лени Кравиц на Facebook напиша: „Немам зборови, само љубов“.

Брајант (41) го одигра последниот професионален кошаркарски натпревар во 2016 година.

Брајант е едно од најголемите имиња во светската кошарка. Со тимот на Лос Анџелес Лејкерс, каде ја помина целата своја 20-годишна кариера, тој освои 5 титули и учествуваше на 18 „Ол-Стар“ натпревари.

Коментирај