Регион

Тачи: Вистината за убиството на Оливер Ивановиќ некому ќе му нанесе болка

16. февруари 2018 - 8:23 | Макфакс

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека ќе биде откриено кои се убијците на лидерот на граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда (СДП)“, Оливер Ивановиќ, и дека вистината некому ќе му нанесе болка.

Во интервју за „Н1“, Тачи рече дека мотивите за злосторството биле од криминална природа.

„Истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ ќе продолжи. Засега нема индиции кои би алудирале на етнички мотивиран случај, но првите информации укажуваат на мотиви од криминална и мафијашка природа. Соработуваме со српските власти за да добијат соодветни информации. Вистината ќе излезе на виделина, иако за некого таа ќе биде болна“, рече Тачи.

Тој додаде дека се работи за прелиминарни информации на истражните органи.

„Повеќе не би можел да кажам. Тука се и релевантните институции кои ќе ги дадат своите резултати. Меѓутоа, можеби постојат и криминални структури поврзани со одредени политички кругови“, рече тој.

Ивановиќ беше убиен пред еден месец во Косовска Митровица, пред канцеларијата на својата граѓанска иницијатива. Според извештаите од обдукцијата, Ивановиќ бил погоден со шест куршуми, а недалеку од местото на убиството беше пронајдено и запалено возило.

Коментирај