Филм & ТВ

Тамара Котевска од „Медена земја“ меѓу ретките режисерки во трка за Оскар

13. јануари 2020 - 17:44 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Номинациите за Оскари 2020 беа соопштени денеска, а меѓу кандидатите за најпрестижната филмска награда е и македонскиот документарец „Медена земја“.

Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби две номинации: за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм, што значи дека ова е најголемиот успех на македонски филм во светски рамки досега.

Уште една (од многуте) работи по кои се издвојува филмот е тоа дека во режисерскиот тим има жена – талентираната Тамара Котевска – што ја става во едно мало друштво на режисерки кои имале филм во трка за Оскар.

По премиерата на „Медена земја“ во март, 2019 година, имавме можност да разговараме со Котевска и ја начнавме и оваа тема. На прашањето која беше нејзината перспектива како жена во снимањето на документарецот за пчеларката Атиџе Муратова, Котевска одговори:

„Ова е многу интересно прашање што често го добиваме, јас морам да кажам дека најбитниот момент во овој филм е баш дека тоа што го работевме двајца режисери, маж и жена. Имаше влијание во пристапот на почетокот, во самото доближување до неа, во разговорите што беа на тие некои поемотивни прашања, во врска со деца, нели тоа што го зборува со мајка ѝ, на коишто јас присуствував, на таа жена многу кратко време ѝ требаше да се отвори кон сите нас подеднакво и сметам дека баш тука е главниот момент, тоа што бевме мешана екипа, тоа што сите можеа да нѐ прифатат толку отворено и подеднакво.“

Покај алтруизмот со кој зрачи одговорот на Котевска и блажината што ја остава веста за двете номинации, по соопштувањето на номинациите за Оскар 2020 остана некаков горчлив вкус од залакот што Американската академија за филмска уметност и наука веќе подолго време има проблем да го голтне – каде се номинациите за жените режисери?

Во категоријата Најдобар режисер се номинирани само мажи: Мартин Скорсезе (The Irishman), Тод Филипс (Joker), Сем Мендес (1917), Квентин Тарантино (Once Upon a Time in Hollywood) и Бонг Џон Хо (Parasite). На големо изненадување на светските филмски медиуми, колку и да се заслужени номинациите за овие режисери, немаше номинација за Грета Гервиг иако нејзиниот филм Little Women влезе во конкуренција во категоријата Најдобар филм.

Ако беше номинирана, Гервиг ќе станеше првата жена со две номинации за Најдобра режија (првата ја доби во 2018 за Lady Bird), а ако беше номинирана Лулу Венг за The Farewell, ќе беше првата жена со азиско потекло номинирана за оваа награда.

Дури и презентерката Иса Реј искоментира: „Честитки за овие мажи“ по денешното соопштување на номинациите во категоријата Најдобра режија.

Во досегашната оскаровска историја само пет жени биле номинирани за Оскар за најдобра режија, а само една ја добила наградата  - Кетрин Бигелоу за The Hurt Locker во 2009 година.

А токму во 2019 година имаше исклучително богат и разноврсен избор на филмови режирани од жени: The Farewell на Лулу Венг, A Beautiful Day in the Neighborhood на Мариел Хелер, Hustlers на Лорен Скафарија, Atlantics на Мати Диоп, Booksmart на Оливија Вајлд, меѓу многуте.

Од нив, покрај Медена земја (Honeyland) и Little Women, номинации добија уште Harriet на Каси Лемонс (Синтија Ериво за најдобра актерка во главна улога), Stand Up на режисерката Виду Винсент за оригинална музика и A Beautiful Day in the Neighborhood на Мариел Хелер (Том Хенкс за најдобар актер во споредна машка улога).

Little Women на Гервиг доби солидни шест номинации за Оскар, но не и онаа за режија – номиниран е во категориите Најдобар филм, актерка во главна улога (за Серша Ронан), актерка во споредна улога ( за Флоренс Пју), костимографија и оригинална филмска музика, додека Гервиг доби номинација за адаптација на сценариото по книжевниот класик на Луиза Меј Алкот.

The Los Angeles Times во анализата на номинациите за Оскар 2020 напиша: „Режисерките подобро поминаа во категориите што жанровски не спаѓаат во фикција – македонскиот документарец Honeyland на Тамара Котевска, заедно со Љубомир Стефанов, доби номинации за најдобар странски филм и за документарец“.

Indie Wire исто така ја издвои Котевска како „единствената која се проби во категоријата Најдобар странски филм“ со Honeyland.

Според најновиот извештај на Inclusion Initiative при USC Annenberg, десетина жени режирале дел од стотте филмови со најголема заработка во 2019 година, што е отприлика 10,6% од сите режисери. Тоа е подобрување од процентуалната застапеност од 4,5% од сите режисери во истата категорија во 2018 година и највисок процент откако е почнато истражувањето во 2007 година.

„Признанието од колегите и другите членови на филмската индустрија може да даде поттик за кариерата на еден режисер или режисерка кој би бил од критично значење“, се истакнува во извештајот.

Документарниот филм Медена земја е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.

Коментирај