Скопје, 18 мај 2019 (МИА) – Данкан Лоренс од Холандија со песната „Arcade“, победи на овогодинешниот избор за песна на Евровизија, што се одржа во Тел Авив, Израел. Нашата претставничка Тамара Тодевска со песната„Proud“ („Горда“), се пласираше на осмото место, и го освои највисокиот пласман на земјава досега на Евровизија.
Второпласирана е Италија, а третото место го освои претставникот на Русија. Четвртото место го освои Швајцарија, а петтото Норвешка.
Северна Македонија доби 12 поени од Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија, Србија и Швајцарија, а Тамара во текот на речиси целото гласање беше на врвот на табелата.
Тодевска гласањето на жирито го заврши на второто место со 237 поени, зад Шведска со 239 бодови, а на крајот по гласањето на публиката се пласираше на осмото место.
Ова е најдобар пласман на земјава откако учествува на Евровизија од 1998 година. Претходно, најдобар пласман земјава освои во 2006 кога се пласираше на 12-то место со претставничката Елена Ристеска со „Нинанајна“.
Aвтори на песната „Proud“ се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Придружни вокали се Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев.
Во финалето настапија 26 земји, а можеа да гласаат сите учесници односно 41 земја.
Прва настапи Малта, а последна Шпанија.