Живот
ПОДГОТОВКИ ЗА ОСКАРИТЕ

Тања Кокев: Жените како Атиџе не се трансформираат, таа е една во милион

24. јануари 2020 - 14:23 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Филмската екипа на „Медена земја“ активно се подготвува за свеченото доделување на Оскарите во Лос Анџелес.

Документарниот филм „Медена земја“ кој доби две номинации за Оскар - за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм – е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент е Атанас Георгиев, кој е и монтажер. Кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.

Нашата ѕвездена екипа ќе присуствува на свеченото доделување на Оскарите во февруари во Беверли Хилс, Лос Анџелес во креации на етаблираната модна дизајнерка Тања Кокев која преходно ги стокми и за доделувањето на Европските филмски награди во декември.

Кокев претходно за Kajgana.com потврди дека креациите за „Медењаците“, како што си ги нарекува, се речиси подготвени. Георгиев, Стефанов, Даут и Љума ќе носат беспрекорни смокинзи кои се веќе готови, а се очекува враќањето на Котевска од Еквадор за да ја финализираат креацијата за неа.

Денеска преку социјалните мрежи Кокев соопшти дека ќе ја дизајнира и креацијата за ѕвездата на „Медена земја“, Атиџе Муратова, и нагласи дека нема никаква намера да ја трансформира, туку само да ја дотера согласно дрес кодот на Оскарите.

„Ви благодариме на сите за поддршката и убавите зборови за соработката со тимот на Honeyland, посебно со Атиџе. Многу често во вашите пораки споменавте дека едвај чекате да ја видите нејзината трансформација.

Атиџе е жена прекрасница, една во милион. Таквите жени не се трансформираат, може ние да се трансформираме учејќи од неа. Ние не сме тие кои треба на таа скромност да ѝ кажуваме како да прошета на Оскарите. Таа си ја знаеше бојата уште пред да ѝ го отвориме каталогот. Секако дека ќе го испочитуваме дрес кодот на домаќините [организаторите на Оскарите] и ќе ја стокмиме во свечено руво, но нема да ја трансформираме бидејќи не гледаме потреба за такво нешто. Ќе ја испратиме на Оскари скромна, убава, дотерана онака како таа ќе се чуствува најпријатно. Само во една средба таа ми кажа 10 мудрости, јас тука не можам и не сакам ниту да додадам ниту да одземам нешто“, објави Тања Кокев на нејзиниот Facebook профил.

Коментирај