Министерот за здравство, Арбен Таравари, ја разреши од должноста в.д. економската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, по најавите дека функцијата економски директор на клиниките ќе биде укината.

Покрај Иљази, разрешени се и неколкумина директори на другите клиники, потврди Таравари.
„Да, точно е. Разрешени се, не осум, туку девет економски директори. Не ги памтам сите, девет се, меѓу другото, и на Токсикологија. Денеска е назначен новиот директор на Токсикологија. Професорот Андон Чибишев ќе биде новиот директор на Токсикологија. Се надевам дека утре ќе назначиме и директор на Онкологија бидејќи таму решението за в.д. директорката е поминато кон средината на јуни, така што утре ќе назначам нов директор на Онкологија. На Неврологија има нов директор, тоа е поранешниот министер за здравство, Фатмир Меџити“, истакна Таравари.
На прашањето дали се утврдени неправилности во работата на Иљази, Таравари одговори: „Најверојатно, да, службите го имаат тоа, секако дека ние одлучивме веднаш да се разреши и да се назначи нов директор. Нема да има веќе економски директори, тоа е целта“, потенцира новиот министер за здравство.
Најави дека многу бргу ќе предложи и нов закон за здравствена заштита, во кој, како што рече, нема да има економски директори.
„Ќе предвидиме да има само професионален еден директор. Се надевам што побргу да ги синхронизирам систематизациите и да донесеме нова одлука за спојување на целиот Клинички центар во иста установа. И исто така ова важи и за здравствените домови и за болниците во помалите градови, во кои има општа болница и здравствен дом, ќе бидат споени во една, која ќе се вика општа болница, нема да има два-тројца директори, туку само еден, како што беше порано“, нагласи Таравари.