Фудбал

Тато ќе ти најде нов клуб: Нејмар Сениор преговара со Јувентус

18. јули 2019 - 14:01 | А.С.

Нејмар Сениор, таткото и застапник на најскапиот фудбалер во историјата - Бразилецот Нејмар, синоќа стигна во Торино за да преговара со Јувентус.

Информацијата прв ја објави каталонски El Mundo Deportivo, а потоа потврди и италијанската национална телевизија RAI. Постариот Нејмар дошол во Торино за да преговара со директорот на Јувентус Фабио Паратичи околу можен трансфер на син му во најдобриот италијански клуб.

Јувентус летово ги донесе играчите за врска Рабио и Ремзи без отштета, а вчера го направи Де Лихт најскапиот дефанзивец во историјата, откако се обврза на Ајакс да му плати отшета од 75 милиони евра и бонуси.

Овие засилувања за веќе силниот Јувентус предводен од Кристијано Роналдо, како и големите даночни олеснувања што важат во Италија, одеднаш го прават италијанскиот првак многу атрактивен за Нејмар кој тврдеше дека од ПСЖ би заминал само во Барселона и дека прави сѐ за да се врати на Камп Ноу.

Но, ПСЖ не попушта да го намали барањето на отштета под 300 милиони евра или да прифати замена од типот “Ракитиќ, Кутињо и 40 милиони евра за Нејмар“, што го прави овој трансфер речиси невозможен.

Па така, таткото и син Нејмар се свртија кон други богати великани: Реал, Баерн, Манчестер Јунајтед. Сепак, прв на листата за преговори е Јувентус.

Италијанските фудбалски фанови со огромно внимание ги следат овие преговори. Навивачите на Јувентус кои уште го слават фактот дека нивниот клуб им го зеде Де Лихт на Барселона и на ПСЖ, веќе сонуваат за офанзивното дуо „Роналдо-Нејмар“.

Коментирај