Свет

Тереза Меј со солзи ја најави оставката, кој ќе ја наследи?

24. мај 2019 - 14:11 | Кајгана/МИА
Лoндон, 24 мај (МИА) – Британската премиерка Тереза Меј, денеска со солзи во очите најави дека ќе поднесе оставка на 7 јуни и отвори пат за избор на нов лидер на Конзервативната партија и нов премиер.

Говорот на премиерката беше емотивен, а обраќањето го заврши со солзи. Таа рече дека дала сè од себе за да го испочитува референдумот од 2016 година, на кој граѓаните гласаа за излез од ЕУ, пренесува BBC. Таа додаде дека за неа било чест да ја врши функцијата на премиер, истакнувајќи дека беше втора жена на таа функција, но секако не и последна.

Меј ќе остане на функцијата за време на внатрепартиските избори на Конзервативната партија, кои траат околу шест недели.

Во трката за раководството ќе има многу кандидати, а поранешниот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, е фаворит во обложувачниците, нагласува Independent.

Неговите најголеми ривали на евроскептичното крило во партијата се поранешниот министер за брегзит, Доминик Раб и министерот за животна средина Мајкл Гов, пишува весникот.

Министерот за меѓународен развој, Рори Стјуарт, министерот за надворешни работи Џереми Хант, министерот за внатрешни работи Саџид Џавид, министерот за здравство Мет Хенкок, министерот за финансии Лиз Трас и поранешниот шеф на Долниот дом на британскиот парламент, Андреа Лидсом, исто така, може да бидат наследници на Меј. 

Коментирај