Група терористи изврши вооружен напад на црква во центарот на главниот град на Чеченија, при што загинаа неколку лица.
Четворица екстремисти се обиделе да земат заложници во црквата Св. Архангел Михаил во Грозни, но во интервенција на специјалните сили сите напаѓачи се убиени, соопшти претседателот на Чеченија Рамзан Кадиров.
„Екстремистите влегоа во црквата и сакаа да земат заложници. Сите четворица се елиминирани“, рече Кадиров.
Според локални извори, двајца полицајци и еден верник во црквата им подлегнале на повредите во нападот.
Кадиров тврди дека екстремистите добиле наредба за нападот од една западна земја.
„Се преземаат мерки да се идентификуваат екстремистите, а околу црквата е поставен кордон“, рече Кадиров.