Хроника

Тешка сообраќајка на автопатот Скопје-Велес

16. јануари 2020 - 13:11 | МИА

Во верижниот судир што се случи утрово околу осум часот меѓу шест возила кај Пуста Кула на автопатот Велес-Скопје, три лица се повредени, од кои две се однесени во велешката Општа болница, а едно е пренесено во Скопје.

Поради несреќата, сообраќајот е сè уште во прекин, информираат за МИА од СВР Велес. Велат и дека увидот трае, но наскоро се очекува нормализирање на сообраќајот.

Во велешката болница, според д-р. Љупчо Леов, се примени татко и десетгодишна ќерка од Кавадарци кои се со полесни телесни повреди и нагмечувања по телото.

Во многу тешка состоба, со скршеници на главата и крварење, е жената која беше донесена на Клиниката за трауматологија во Скопје.

Како што велат за МИА од Ургентниот центар при Хируршките клиники во Скопје, жената била примена во кома. Направено и е компјутерско снимање и се преземаат мерки за санирање на нејзината состојба.

МИА дознава дека жената била во возилото со уште двајцата повредени, таткото и десетгодишна ќерка кои по несреќата се пренесени во велешката Општа болница. Возилото, според првичните сознанија, директно удрило во камион.

СВР Велес ги утврдува причините за сообраќајката.

Коментирај