Американскиот производител на електрични автомобили Tesla одлучи да ги исфрли од понудата најевтините верзии на Model S и X.
Директорот на Teslа Елон Маск преку Twitter соопшти дека последниот рок за нарачка на Model S и X под ознака 75D што е послаба верзија со 75 kWh е во недела на полноќ.
Од понеделник за нарачка ќе бидат достапни само поскапите верзии од 100 kWh (100D). Model S 75D чини 66.750 долари, а верзијата 100D чини 84.750 долари. Model X 75D чини 72.950 долари, а 100D - 87.950 долари.
Model S со батерија од 100 kWh поминува 143 километри повеќе од верзијата со батерија со капацитет од 75 kWh, а Model X поминува 148 километри повеќе.
Аналитичарите сметаат дека одлуката на Teslа да ја укине верзијата 75D следи по желбата на оваа компанија нејзините автомобили да не бидат дефинирани од капацитетот на батеријата.
Моментално најевтин автомобил на Teslа е исклучително успешниот Model 3 чија почетна цена е 35.000 долари и е продаден во повеќе од 100.000 примероци во 2018 година.