Свет
Се претпоставуваше дека е убиена

Тетката на Ким Џонг Ун се појави во јавноста жива и здрава

27. јануари 2020 - 13:20 | Б.С.Б.

Тетката на севернокорејскиот лидер е видена во јавност за првпат по 6 шест години откако нејзиниот сопруг беше егзекутиран во 2013 година. Ким Кјонг Хуи е ќерка на основачот на Северна Кореја, Ким Ил Сунг и сестра на поранешниот лидер Ким Џонг Ил. Не е видена откако нејзиниот сопруг Ченг Сонг Таек беше погубен по наредба на сегашниот лидер и внук, поради предавство.

Медиумите објавија нејзина фотографија како ужива во новогодишната прослава. Фотографијата е објавена од страна на државната новинска агенција KCNA. Може да ја видиме Ким Кјонг Хуи како седи покрај лидерот Ким Џон Ун и  неговата сопруга во преполн театар во Пјонгјанг, пренесува BBC.

Уредникот на NK News Оливер Хотам, кој известуваше за настанот, вели дека нејзиното појавување по толку време е вистинско изненадување.

„Многумина претпоставуваа дека е во егзил или дека е убиена, како нејзиниот сопруг. Нејзиното појавување и седење покрај лидерот сугерира дека го задржала или го вратила влијанието, најверојатно како советник. Тоа воедно е и потсетник на тоа колку Северна Кореја е чудна и брутална бидејќи по сè што се случи таа седи покрај човекот кој ја нарача егзекуцијата на нејзиниот сопруг“, вели тој.

Ким Кјонг Хуи и нејзиниот сопруг беа влијателни луѓе во државата во времето кога нивниот внук дојде на власт пред 10 години. Ким го наследи неговиот татко во 2011 година и се верува дека Ченг е еден од менторите во текот на транзицијата.

Но, две години откако новиот лидер ја презеде власта Ченг беше отстранет од состанок и одведен од вооружени чувари. Во официјална изјава е наведено дека признал како правел заговор против државата и веднаш е егзекутиран.

Коментирај