Седумнаесетгодишен Американец од Вашингтон одби понуда од 8 милиони долари за продажба на платформа за следење на состојбата со коронавирусот, пренесе Business Insider.
Станува збор за платформата ncov2019.live која на посетителите им овозможува да ги проверат сите релевантни информации за коронавирусот и статистички податоци за ширење на заразата во различни делови во светот.
Платформата има 30 милиони посетители дневно, а досега нејзините податоци ги користеле 700 милиони луѓе. На тинејџерот му е понудено да ја продаде платформата, но тој ја одбил понудата.
„Имам само 17 години, не сакам да профитирам“.
Тој одбил и понуда за работно место во Microsoft. Вели дека сака да ја задржи автономијата во водењето на платформата и сака податоците да бидат достапни бесплатно за сите кои доброволно ќе се зачленат, а не со продажба да стане комерцијален производ.
„Се надевам дека во иднина ваквите „алатки“ ќе бидат создадени директно од Светската здравствена организација“, вели Ави Шифман.