Живот

Тинејџер во САД се вакцинирал сам, иако мајка му се противи на тоа

12. февруари 2019 - 16:32 | А.С.

Итан Линденбергер од Охајо се консултирал со корисниците на платформата Reddit дали може да се вакцинира без согласност од родителите.

Мајка му не му дозволувала да се вакцинира, напишал тој во објавата што имаше илјадници коментари.

Тој дознал дека мора да почека да наполни 18 години за да може сам да се вакцинира. Почекал и сега на 18 години има примено 5 вакцини.

Во интервју за BBC тој признава дека мајка му уште не се согласува со неговиот избор, но исто така се извини за начинот на кој ја опишал во неговата објава на интернет.

„Кога ја напишав објавата на Reddit, изразив незадоволство кон мислењето на мајка ми и мислев дека разговорот не оди никаде, дека е нерационална, бев вознемирен и напишав некои работи што не требаше да ги напишам“, рече тој за BBC.

„Морам да се извинам за некои работи што ги кажав на Reddit, каде реков дека е нерационална, луда, глупава – бидејќи бев нервозен, не очекував дека ќе бидам во центарот на вниманието  дека ќе морам да застанам во одбрана на мајка ми. Тоа не е фер кон неа, таа си истражувала за нејзините ставови.“

Тој додаде дека неговите зборови биле употребени против него на социјалните мрежи.

„Сѐ што ќе напишете онлајн станува оружје, ако не ги бирате внимателно зборовите“, вели тој.

Итан додава дека прекинал да одговара на онлајн коментарите и критиките.

За вакцините, рече дека никогаш не сакал да направи нешто без знаење на мајка му, но бил убеден дека тоа е најдобар избор за него и луѓето околу него.

Една од работите од кои се плашела мајка му бил стравот дека вакцините предизвикуваат аутизам, иако извештајот на Ендру Вејкерфилд од 1998 година оттогаш беше оспорен.

„Таа искрено верувала дека вакцините имаат лоши нус појави“, вели Итан.

„Како што растев, гледав дека се отвора широка дебата кога ќе објавеше нешто во врска со тоа онлајн и видов дека многу луѓе не се согласуваат со неа.“

Итан додаде дека и неговиот помал брат му кажал дека би сакал да се вакцинира, но дека уште е мал сам да ја донесе таа одлука.

Возраста на која малолетно лице може да побара вакцинација без дозвола од родителите се разликува од една до друга сојузна држава.

Коментирај