Македонија

Тодоров: Две илјади вработувања за волонтерите во јавното здравство

21. февруари 2015 - 14:02 | Макфакс

На неопределено време ќе бидат вработени околу две илјади лица, медицински и помошен односно административен персонал, кои досега волонтирале во јавните здравствени установи, според Законот за трансформација во редовен работен однос во јавното здравство, соопшти во министерот за здравство Никола Тодоров, истакнувајќи дека една третина ќе бидат вработени веднаш.

Постапката за вработувањето на ваквиот персонал, односно доктори, медицински сестри, техничари, хигиеничари, правници, информатичари кои досега волонтирале или работеле со договори на определено време, како што истакна Тодоров на прес-конференцијата, е веќе започната и во првата група од над 700 луѓе ќе бидат вработени веднаш, додека другите ќе бидат вработени на неопределено време од 1 декември 2015 и од 1 септември 2016 година.

„Само во општите и клиничките болници низ државата ќе бидат редовно вработени вкупно 739 лица, од кои во првата група 259 лица. Во Универзитетските клиники во Скопје ќе бидат редовно вработени околу 600 лица, а само во првата група ќе бидат вработени 210 лица. Во здравствените домови ќе бидат вработени вкупно 168 лица, во специјалните болници, заводи и институти низ државата редовно ќе се вработат околу 300 лица. Во Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје редовно ќе се вработат речиси 200 лица“, рече министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој смета дека со ваквите мерки долгорочно ќе биде решено егзистенцијалното прашање на поголем број лица кои досега биле ангажирани во здравствените установи како волонтери или со договори на определено време.

„Станува збор за исклучително значајна мерка на Владата на Република Македонија, со којашто ќе им помогнеме на илјадници семејства низ државата, имајќи предвид дека досега овие лица не биле редовно вработени и не можеле да остварат право на здравствено, пензиско, односно социјално осигурување“, посочи Тодоров.

Укажа дека според Законот, приоритет во динамиката на вработување имаат лицата кои се најдолго ангажирани во установите, односно оние лица кои имаат најдолго работно искуство во установата ќе бидат вработени во првата група.

„Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир има 15 лица што се ангажирани од 2003 година, кои околу дванаесет години работат како волонтери или со договор на дело, а сега ќе бидат редовно вработени. По единаесет или дванаесет години се ангажирани и волонтерите во Општата болница Струга, околу десет години работат со истиот статус десетици луѓе и на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје и на Клиниката за радиологија. Околу девет години се ангажирани волонтерите или лицата со договор на дело во Клиниката за радиотерапија и онкологија и Клиниката за пулмологија и алергологија, а околу седум години на Клиниката за хематологија“, додаде министерот Тодоров.

Како куриозитет, Тодоров во примерот на долгогодишни ангажирања со договори на дело го издвои случајот на лице коешто било ангажирано уште од 1994 година.

Министерот за здравство предочи дека сите јавни здравствени установи веќе ги започнале постапките за вработување на споменатиот персонал, ги доставиле потребните документи до Министерството, по што тие се доставуваат и до Министерството за финансии каде што се склучуваат договорите за вработување. Тодоров рече оти очекува целата постапка да биде завршена во законски предвидениот рок од еден месец.

Коментирај