Кошарка
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2021

Тодоров: Овој тим ќе се бори до крај

21. февруари 2020 - 15:54 | Ф.З.

Кошаркарската репрезентација беше непријатно изненадена од Естонија, но македонскиот селектор и покрај поразот е оптимист.

Македонија синоќа загуби со 72:81 од репрезентацијата на Естонија, директниот ривал за пласман на Евробаскетот наредната година.

Селекторот Александар Тодоров верува дека нашите кошаркари покажале доста за да може да гаи надеж дека на реваншот во Естонија ќе успееме да победиме со разлика поголема од онаа со која загубивме и со тоа на табелата да завршиме пред Естонците.

„Не заслуживме да победиме, но тоа што се боревме, ми покажа дека овој тим во ноември ќе се бори до крај во Талин. Се надевам дека ќе бидеме попаметни кога ќе гостуваме во Естонија и ќе победиме со поголема разлика. Не мислам дека бевме психолошки неподготвени, но во таа втора четвртина бевме безидејни, немавме контрола“, вели селекторот.

Особено разочарувачка беше втората четвртина кога Македонците постигнаа само 5 поени. Тогаш Естонија направи голема разлика и се чини натпреварот веќе беше решен.

„На полувремето зборувавме дека не може на свој терен да играме како гости, но на 10 разлика утнавме три напади, ќе можевме да влеземе во поегал завршница. Нашиот стил на игра е тој, со многу шутеви за три поени, но Естонците погодуваа повеќе и од тешки позиции“, изјави селекторот Тодоров.

Репрезентацијата денеска отпатува за Перм, каде в недела од 16 часот (а 20 часот по локално), го игра вториот натпревар од квалификациите, против селекцијата на Русија.

Коментирај