Продажбата на автомобили во Европската Унија драстично опадна во август, за прв пат по нешто повеќе од две години, покажаа податоците на здружението на производители на автомобили ACEA објавени денеска.
Во август во ЕУ се регистрирани само 644.000 нови автомобили, за 18,3 отсто помалку од истиот месец лани, пресмета ACEA.
Во јули продажбата стагнираше, по скромниот раст од 4,3 отсто во јуни, што означи крај на четиримесечен период на послаби резултати.
Во август сите четири водечки пазари забележаа пад, а најмногу се намали продажбата во Германија и тоа за 27,8 отсто. Блиску е и Франција, со 24,3 отсто помалку регистрирани нови автомобили од претходната година. Двоцифрен пад бележи и Италија од 13,4 отсто. Најблаго намалување на продажбата има во Шпанија, за 6,5 отсто.
Европскиот пазар на електрични автомобили за батерии падна нагло во август, за дури 43,9 отсто, пресмета ACEA, по падот од 10,8 отсто во претходниот месец.
Продажбата во Германија и Франција, двата најголеми европски пазари, паднала за „спектакуларни“ 68,8 односно 33,1 отсто, посочуваат од асоцијацијата.
Во такви услови, уделот на електричните автомобили на батерии на европскиот пазар во август се намали на 14 отсто, од 21 отсто во истиот месец лани.
Хибридните електрични возила вклучуваат, според дефиницијата на ACEA, „целосни и делумни хибриди“ кои, во зависност од моќноста на батеријата, можат да возат во просек до 62 проценти од времето само со електрична енергија.
Во периодот од јануари до август, европскиот пазар на автомобили порасна за 1,4 отсто во однос на истиот период лани, со регистрирани 7,2 милиони нови возила, пресмета АЦЕА.
Во Германија и Франција продажбата речиси стагнирала, додека во Шпанија и Италија е зголемена за околу четири отсто.
Европскиот пазар на електрични автомобили со батерии падна за 8,3 отсто, со регистрирани 902.011 нови автомобили.
Продажбата на „дизелаши“ падна за 9,7 отсто, со продадени 909.592 нови автомобили.
Автомобилите на бензин, и покрај падот на продажбата од 2,9 отсто, ја задржаа водечката позиција, со една третина од пазарниот удел, а хибридните електрични автомобили се приближија со удел од 31,3 отсто.