Филм & ТВ

Тони Сопрано се враќа во долгометражниот филм „The Many Saints of Newark“

8. јануари 2019 - 15:14 | К.З.

Креаторот на серијата „The Sopranos“, Дејвид Чејс, ја прослави 20-годишнината на култната серија со најава дека набрзо доаѓа и долгометражен филм за семејството Сопранови.

Според Чејс, во филмот наречен „The Many Saints of Newark“ ќе се појави млада верзија на Тони Сопрано, кој во оригиналната серија беше толкуван од страна на актерот Џејмс Гандолфини.

Проектот ќе биде копродукција помеѓу New Line и Warner Bros, а првично беше најавен во 2018 година, пред да биде потврден денеска. Режисер на филмот ќе биде Алан Тејлор, кој исто така режираше девет епизоди од серијата „The Sopranos“. Една од главните улоги ќе ја има актерот Алесандро Нивола, кој ќе го глуми Дики Молтисанти, таткото на Кристофер, кој во оригиналната серија беше толкуван од Мајкл Империоли.

Токму Дики Молтисанти ќе ги води гледачите низ филмот, кој ќе се фокусира на почетоците на мафијата за време на расните поделби помеѓу афро-Американците и итало-Американците во 1970-тите во Њу Џерси.

„Бев заинтересиран за снимање на долгометражен филм и претходно, но тогаш сакав да раскажам приказна за Њуарк, каде што одев секоја сабота на вечера со моите баба и дедо. Сега сум заинтересиран да раскажам приказна за детството на Тони Сопрано“, вели Чејс.

Режисерот вели дека и понатаму е загрижен за исходот на филмот, бидејќи знае дека серијата има посветена и голема фан-база. Тој инсистира дека филмот ќе биде поразличен од серијата, бидејќи ќе биде сместен во време кога мафијата не е „костумирана“ туку многу повалкана и сирова.

„The Sopranos“ е култна американска серија која се прикажуваше од 1999 до 2007 година. Во главните улоги се појавуваа Еди Фалко, Стив Ван Зендт и Џое Пантолијано, како и Џејмс Гандолфини, кој ја играше улогата на Тони Сопрано. „The Many Saints of Newark“ ќе се појави до крајот на оваа година.

Коментирај