Премиерлигашот го загуби трпението со италијанскиот стратег и доцна синоќа ја прекина соработката, а на негово место до крајот на сезоната екипата ќе ја води Кристиан Стелини.

Антонио Конте и Тотенхем синоќа постигнаа договор за взаемно прекинување на соработката, една неделка откако Италијанецот упати критики кон клубот и играчите. Неговиот помошник Кристиан Стелини ќе ја доврши сезоната како предводник на Спарс од клупата. Стелини е помошник на Конте уште од времето кога овој го водеше Јувентус во 2011/2012, а потоа повторно му се придружи од сезоната 2019/2020 во Интер и оттогаш цело време е со него.
Конте се огласи откако Тотенхем испушти предност од два гола во ремито 3:3 на гостувањето кај последнопласираниот Саутемптон минатата сабота, нарекувајќи ги своите играчи „себични“ и доведувајќи го во прашање недостатокот на успех на Тотенхем во времето на Даниел Леви како претседател.
Леви и шефовите на клубот, наводно, побарале од него да ги разјасни тие коментари, очигледно инсистирајќи дека неговиот коментар „20 години и никогаш не освоиле нешто“ бил насочен кон играчите, а не кон неговите шефови.
Но, навидум позицијата на Конте стана неодржлива, а Спарс го потврдија заминувањето на Италијанецот во неделата, осум дена по неговиот јавен испад.
„Можеме да објавиме дека тренерот Антонио Конте го напушти клубот по заеднички договор“, се вели во соопштението на Спарс.
„Се пласиравме во Лигата на шампионите во првата сезона на Антонио во клубот. Му благодариме на Антонио за неговиот придонес и му посакуваме добро во иднина“.
„Кристиан Стелини ќе го преземе тимот како вршител на должноста тренер до крајот на сезоната, заедно со Рајан Мејсон како помошник главен тренер“.
Конте веќе се чинеше дека ќе ги напушти Спарс во јуни кога неговиот договор требаше да истече.
Медиумските извештаи претходно месецов сугерираа дека ниту Конте ниту Спарс не сакаат да го продолжат договорот.
Навивачите долго време беа фрустрирани од брендот на фудбал што го воведе поранешниот предводник на Челси, а последните резултати само ја направија атмосферата потоксична.
Додека Конте отсуствуваше по операцијата на жолчното кесе, Спарс беа исфрлени од ФА купот од Чемпионшип тимот на Шефилд Јунајтед на 1 март, а една недела подоцна беа елиминирани од Лигата на шампионите по слабото реми 0:0 дома со Милан, кој претходно ги победи со 1:0 на „Меаца“.
Иако Спарс го совладаа Нотингем Форест со 3:1 на 11 март за да навестат залет, нивниот доцен колапс на „Сент Мери“ - проследен со невообичаениот гнев на Конте - беше последната капка што ја прели чашата.
Конте се разделува со Спарс сè уште цврсто во игра во трката за пласман во Лигата на шампионите, позициониран на четвртото место во Премиер лигата.
Сепак, Ливерпул и Њукасл Јунајтед – заостануваат 7 и 2 бода, соодветно – имаат два натпревара помалку.
Поранешниот тренер на Спарс, Маурисио Почетино, е меѓу оние што се поврзуваат како наследник на Конте, додека Луис Енрике, Марко Силва и Јулиан Нагелсман - официјално отпуштен од Баерн во саботата - исто така се шушка дека се кандидати.