Фудбал

Трагичарот на ПСЖ: Дали ова беше најлошиот ден во кариерата на Џиџи?

25. мај 2019 - 16:55 | А.С.

Италијанскиот голман Џанлуиџи Буфон (41) синоќа одигра еден од најлошите натпревари во неговата кариера, имајќи предвид дека „на душа“ ги носи сите три погодоци што ПСЖ ги прими од Реимс со резултат 3:1.

Првиот погодок славниот Џиџи го прими низ нозе речиси од мртов агол, а за вториот катастрофално реагираше, додека во надополнувањето непотребно истрча напред што играчот на Реимс го искористи за да ја затресе мрежата на ПСЖ за конечни 3:1.

Ова беше срамната круна на низата фијаска што ги приредува Буфон во последно време, исто како и ПСЖ кој синоќа го доживеа четвртиот пораз во последните девет меча од првенството.

Пред десетина дена Буфон потврди дека ПСЖ му предложил продолжување на соработката и дека наскоро ќе почнат преговорите за останување во Париз.

Но, по синоќешниот фејл прашање е дали Италијанецот ќе остане во ПСЖ кој сезонава на неверојатен начин остана без купот и бизарно испадна од Манчестер Јунајтед во осминафиналето од ЛШ.

Токму тој трофеј остана неисполнет сон за Буфон кој со репрезентацијата на Италија и со Јувентус освои речиси сѐ што можеше да се освои.

Коментирај