Свет

Трагична разврска на љубовен триаголник во Филаделфија

26. април 2018 - 11:10 | А.С.

Поранешна кандидатка за Сенатот беше смртно застрелана од сопругата на љубовникот во нејзиниот дом во Филаделфија, која потоа се самоубила, соопшти полицијата.

Џенер Жерардо (48) провалила во домот на Мередит Чепман (33) и ја фатила во заседа кога се вратила дома во понеделникот вечерта.

Полицијата рече дека Жерардо најверојатно била маскирана. Претходно му пратила пораки на сопругот во кои му го открила нејзиниот крвав план.

Кога пристигнала полицијата во куќата во предградие на Филаделфија по добиениот повик, двете жени биле мртви.

Детективите рекоа дека телото на Жерардо било најдено во кујната, недалеку од телото на Чепман. Биле испукани два куршуми.

„Има крв насекаде“, стои во транскриптот од повикот до полицијата, според весникот Delaware News Journal.

Полицајците кои одговориле на повикот го нашле Марк Жерардо, сопругот на Џенер, пред куќата.

Тој планирал да се најде со љубовницата на вечера, но се загрижил кога таа не се појавила, рекоа инспекторите.

Вилијам Коларуло од локалната полиција рече дека Жерардо ја чекала жртвата во заседа.

„Ова е љубовен триаголник – мажот бил во брак и имал афера со другата жена“, рече Коларуло.

„Сопругата знаела и ова бил пресметан, однапред планиран напад.“

Чепман, која исто така била во брак, имала неуспешна кандидатура за Сенатот на Делавер во 2016 година, од редовите на републиканците.

Поручникот Кристофер Фланеган на прес-конференцијата рече дека детективите се сомневаат дека госпоѓа Жерардо провалила во куќата на Чепман низ влезната врата и го исчистила искршеното стакло за да не се посомнева жртвата дека има натрапник во куќата.

Жерардо била вооружена со револвер Taurus Tracker 357 и најверојатно била маскирана и носела перика.

Чепман работела како маркетинг директорка во Универзитетот на Делавер каде му била надредена на Марк Жерардо.

Таа од неодамна била ангажирана како помошник потпретседател на Универзитетот Виланова во Пенсилванија.

Два часа пред нејзината смрт, Чепман објавила пост на Instagram во кој пишала дека е многу возбудена за новото работно место.

Коментирај