Македонија

Трајко Вељаноски: Се доведуваме во состојба да ги искинеме нашите универзитетски дипломи

24. ноември 2017 - 13:49 | Макфакс

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, испрати отворено писмо до своите колеги во кое укажува дека во Собранието се кршат Деловникот за работа и Уставот на Македонија. Според него, начинот на кој беше организирана и oдржана таканаречена седница за избор на претседател на Собранието очекувано стана пракса во секојдневното функционирање на законодавниот дом на државата.

Вељаноски во писмото наведува дека се злоупотребува член 68, став 2, односно сите собраниски седници се прикажуваат како итни.

„Седниците се свикуваат од денеска за утре со цел да се избегне достава на материјали, се анулира времето во кое пратениците би се подготвиле за расправа, се избегнуваат рокови за поднесување амандмани. Нема никакво, ама баш никакво оправдување за непрекинатото изигрување и злоупотребување на член 68“, вели Вељаноски.

Тој додава дека е направен преседан во свикувањето на седницата за пратенички прашања.

„Дваесет и третата седница, која е седница за пратенички прашања, се свикува два дена пред нејзиното одржување. Деловникот во член 40 утврдува дека пратениците за поставување пратенички прашања известуваат 24 часа пред одржување на седницата. Го чита ли некој воопшто Деловникот? Или го чита и со една огромна леснотија, без трошка грижа го прекршува, гази и продолжува понатаму?“, прашува Вељаноски.

Во писмото тој наведува дека во Собранието се врши непочитување на деловничките одредби за постапка при интерпелација и обвинува дека предлог-закони по кои завршило првото читање со месеци стојат заглавени или заборавени, без да се стават во второ читање.

Исто така, додава Вељаноски, на пленарна седница се настојува да се донесе предлог-одлука за избор на заменик-генерални секретари во поинаква форма, односно поинаков персонален состав од тој што го разгледувала и изгласала комисијата.

Вељановски наведува дека се врши и злоупотреба и прекршување на член 60, точка 4 од Деловникот при одредување матично тело за предлог-законот за употреба на јазиците, проследена со злоупотреба на европското знаменце во недостиг од оправданост за негово присуство и постоење соодветна европска директива.

„Почитувани колеги пратеници, што е следно? Да не го забораваме фактот дека молчењето е одобрување. Се доведуваме во незавидна состојба како членови на законодавен дом да го искинеме Деловникот, како академски граѓани да ги искинеме универзитетските дипломи, како претставници на народот да се засрамиме пред довербата што ни ја дале граѓаните. Ако ние како пратеници не почитуваме законски норми, Деловник и Устав, со кој легитимитет ги носиме законите и очекуваме граѓаните да ги спроведуваат и почитуваат?“, прашува Вељаноски во писмото испратено до своите колеги пратеници.

Коментирај