Претседателката на Академијата за судии и обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, оценува дека судиите се професионалци, кои работат во согласност со Законот, и дека не станува збор за самоволие во нивните редови.

Одговарајќи на новинарско прашање дали оценува дека со заострени казни во Законот ќе се избегне самоволието на судиите, Трајкоска-Стрезоски истакна: „За самоволие на судии не станува збор. Сите судии се професионалци, кои работат во согласност со Законот. Би биле пожелни построги казни, мислам дека е изготвен веќе и Кривичниот зaконик, даден е на превод и треба до крајот на годината да биде доставен до Венециската комисија и потоа да почне постапка за негово донесување. Би било пожелно, но сепак тоа е одлука на Парламентот“.
Запрашана за тоа дали оценува дека има можна одговорност кај судијката за случајот со Васил Јованов, кој ја прегази и уби Фросина Кулакова, кој веќе бил осудуван за неколку дела и бил испратен во казнено-поправен дом, а јавноста по несреќата реагира дека секогаш му биле давани благи казни, претседателката на Академијата за судии и обвинители рече дека лично ја познава судијката, која, како што рече, е една од подобрите во својата работа.
„За одговорност на судијката сега не би требало да станува збор. Лично ја познавам судијката, навистина е професионална и една од подобрите во својата работа. Работи во согласност со законите, а сепак тоа е одлука на Судскиот совет“, изјави Трајкоска-Стрезоски.