Македонската репрезентација утре го игра последниот натпревар од Лигата на нации, а по тој повод денеска на официјалната прес-конференција се појави и напаѓачот Александар Трајковски.

Трајковски во составот е играч со најмногу настапи, утрешниот ќе биде 91 натпревар во црвено-жолтиот дрес. Во четвртокот против Латвија одигра 78 минути и кумуваше на победничкиот гол кога од нафрли од корнер.
За Македонија секогаш било проблематично играњето два натпревара во три дена, па така ќе биде и утре, на што се осврна и Трајковски.
„Ова нема да ни биде прв пат да играме во три дена две утакмици, но нашиот фокус е на тоа да го дадеме секогаш најдоброто. Кога си во ваква ситуација, да имаш уште еден натпревар и да го завршиш во најдобро можно издание овој циклус на Лига на нации, мислам дека тука заморот не треба да ни биде во прв план, едноставно треба да бидеме фокусирани на тој последен меч што го имаме сега во недела, и како што кажа селекторот, да го дадеме нашиот последен атом од нашата снага и максимумот за да дојдеме до тие три бода“, рече играчот на сплитски Хајдук.
Македонија го има заверено првото место во групата 4 и пласмнаот во Лига Б, но важно е да се запишат нови три бида поради генералниот пласман во Лига Ц кој потоа може да донесе пласман во баражот за Мундијалот 2026. Во тој генерален пласман се рангираат сите првопласирани репрезентации од четирите групи.
Натпреварот Македонија - Фарски Острови се игра в недела од 15:00 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.