Зданието „Космос“ беше дивоградба и таа не смееше да биде третирана поинаку од која и да е друга дивоградба само заради тоа што сопственикот е богат или има политичка поддршка, а повеќепати со судски решенија е докажана законската постапка во овој случај, истакна денеска градоначалникот на скопската општина Гази Баба, Тони Трајковски, како одговор на процесот што во врска со овој случај минатата седмица го најави Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Минатиот четврток на прес-конференција во СЈО, беше кажано дека „со уривањето на станбено-деловниот комплекс 'Космос', претседателот на Владата во 2011 година и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, искористувајќи ја својата политичка моќ, му нанеле голема штета на инвеститорот Фијат Цаноски“ и обвинија дека станува збор за „одмазда“ зашто Цаноски како челник на партијата ПЕИ „дотогаш бил во коалиција со нив, а потоа преминал во коалиција со опозициската СДСМ“.
Во понеделникот, на самиот почеток од прес-конференцијата, градоначалникот на Гази Баба го цитираше Член 289 од ЗКП кој се однесува на тајноста на предистражната постапка односно делот во кој се вели дека „Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“.
Овој потег на Трајковски следуваше откако изминатиот викенд медиумите објавија дека советникот од СДСМ и член на раководството на најголемата опозициска партија, Дарио Николовски, знаел за постапката којашто ја води Специјалното јавно обвинителство уште пред таа да биде објавена на споменатата прес-конференција минатиот четврток. Според медиумите, како што се повика Трајковски, и пред од СЈО да го објават формриањето на случајот кој го нарекоа „ТНТ“, советникот знаел за кого е истрагата и под кое име се води.
„Неговото објавување на детали на Фејсбук профилот од предистражната постапка значи две работи. Или СЈО е под целосна контрола на СДСМ и ажурно ги спроведува наредбите кои ќе ги добие од централата на Бихаќка, па од таму точно знаат што и кога ќе се објави, или заради непрофесионализмот и партиската пристрасност на Катица Јанева и некои обвинители од СЈО, незаконски се брифираат луѓе од СДСМ“, заклучи градоначалникот на Гази Баба.
Трајковски притоа констатираше дека за која и да можност од споменатите да станува збор, се работи за кршење на Законот за кривична постапка и за кривично дело.
Според него, СЈО изигрува „инквизиција“ и „партиските прес-конференции“ на СЈО биле само параван за анводно да се покријат конструкциите кои не се базираат на докази, туку се базираат на наредби за кривично гонење дадени директно од Зоран Заев.
„Затоа и СДСМ смета дека е неопходно нивните активисти преку социјалните мрежи да се закануваат и да шират хистерија , уште пред театралните настапи на Катица Јанева. Да имаа барем еден правен доказ, немаше така да постапуваат. Да биде срамот уште поголем, советникот од СДСМ Дарио Николовски, викендов бришеше и ги менуваше постовите на својот фајсбук профил за да ги отстрани трагите кои укажуваа на поврзаност и координираност на неговата партија со СЈО“, рече Трајковски.
Инсистираше дека треба да се спроведе сериозна кривична истрага околу пробивањето тајни информации од делокругот на работењето на СЈО и сите одговорни и од тимот на Катица Јанева и од СДСМ да бидат повикани на службен разговор и да ги објаснат релациите.
„Катица Јанева од ден на ден сé повеќе заглавува во политика и ја губи довербата од граѓаните. Сепак, таа добива пари од Буџетот на државата и мора да работи законски. Граѓаните од неа не очекуваат да функционира како приватно обвинителство на Зоран Заев“, порача Трајковски.
Во продолжение истакна дека ќе ги презентира фактите од, како што рече, „Вистината за случајот Космос“.
„Космос беше дивоградба и таа не смееше да биде третирана поинаку од која било друга дивоградба само заради тоа што сопственикот е богат или има политичка поддршка. Повеќепати низ судските постапки во Управен суд и Виш Управен суд, како и со решение од Уставен суд ,сме ја докажале нашата законска постапка во случајот ‘Космо’с, ќе ја искористам секоја правна можност согласно Законот и Уставот уште еднаш да докажам дека законски се постапуваше“, појасни Трајковски.
Изрази жалење што СЈ, според негова оцена, не ги презентирало сите факти и аргументи кои „ние им ги доставивме, односно нé обвинија без докази“ и оти затоа „ќе ја презентираме Вистината за случајот Космос“.
Трајковски посочи дека од аргументи кои беа искажани пред јавноста во полза на постапката на СЈО но без да бидат презентирани јавно, беше само споменатото Стручното мислење од Архитектонскиот факултет.
„Од сите документи што ги добивме од факултетот, се констатира дека незаконски е дадено Стручното мислење и незаконски е постапено од страна на професорите, за што имаме и записник од страна на Државниот просветен инспекторат. Но и покрај тоа, во самото стручно мислење на еден од професорите, потврдува дека објектот се градел повисоко и била направена одредена пренамена“.
Вториот неаргументиран напад врз него бил, рече Трајковски, дека била избрана фирмата за уривање и дека е направена штета од 2.999.560 денари.
„Ова не е точно, односно сакам да потенцирам дека согласно законот за Општо управна постапка и Законот за градење обврската за спроведување на решението од инспекторката е на Инвеститорот, но во конкретниов случај затоа што инвеститорот не пристапи кон извршување на решението од инспекторката, односно тој понатаму продолжи со градење, ние моравме да направиме присилно административно спроведување на решението, а согласно член 143 став 2 од Законот за градење надоместокот за рушење, општината го наплаќа од инвеститорот, за што веќе имаме и правосилна Пресуда од Вишиот управен суд и сме во постапка со извршител за наплата на паричните средства. Ова беше уште една невистина и лага од страна на СЈО дека е оштетен буџетот на Општината“, нагласи Трајковски.
Пред новинарите потсети дека Цановски претходно во понеделникот во изјава за медиумите сето она што го изградил го градел легално, но оти само по неколку дена се демантирал поднесувајќи барање за легализација на факултетот ФОН за сите три парцели на коишто е сместен факултетот
„Повторно ја излажа македонската јавност и најверојатно повторно ќе бара аргументи за новата дивоградба во политиката а не во законот. Доблесно беше од негова страна наместо пред Општина Гази Баба, денешната прес конференција тој да ја одржи пред неговата нова дивоградба факултетот ФОН“, порача градоначалникот на оваа скопска општина.