Свет

Трамп ги критикуваше членките на НАТО: Дали САД го напуштаат сојузот?

12. јули 2018 - 13:21 | М.Д.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, на самитот на НАТО во Брисел, се закани дека САД ќе се повлече од овој воено-политички сојуз, доколку останатите членки не ја зголемат својата потрошувачка на одбрана, односно на војската.

Трамп, како што пренесуваат бројни светски медиуми, изјави дека сите членки на НАТО мораат до 2019 година да ги зголемат своите трошоци за одбрана до 2 проценти од националниот БДП, што инаку стои во официјалниот договор со НАТО, но веќе со децении ниту една членка на НАТО, освен САД, не се придржува до оваа пракса, смета Трамп.

Ако членките до следната година не ја остварат таа цел, Америка ќе мора да тргне по својот пат, наводно рекол Трамп на состанокот со лидерите на земјите членки, објави агенцијата ДПА.

Ова е сфатено како директна закана, дека САД би можеле да го напуштат НАТО, со што би се демонтирал воено-политичкиот сојуз, кој ги одредуваше односите во светот по Втората светска војна.

Трамп го напаѓаше НАТО и во претседателската кампања

Треба да се потсетиме и дека Трамп, уште во својата претседателска кампања, неколку пати ја доведуваше во прашање смислата на постоењето на НАТО, односно најавуваше дека сака да внесе радикални промени во функционалноста на тој сојуз.

Самитот на НАТО, кој моментално се одржува, започна во тензична атмосфера, бидејќи токму Трамп преку Twitter, повеќе пати ја нападна Германија, која веќе со месеци ја критикува, обвинувајќи ја дека е руски играч, поради тоа што се снабдува со гас од Русија.

НАТО е тело формирано во 1949 година, а постои и преседан за повлекување на една членка од овој воено-политички сојуз. Тоа го направи Франција, во процес кој траеше од 1958 до 1966 година, во знак на протест против американската доминација во сојузот и поради „специјалниот однос“ помеѓу САД и Велика Британија. Но, Франција подоцна се врати во НАТО, со полн капацитет.

Сепак, повлекувањето на САД од НАТО би можело да има огромни последици, бидејќи станува збор за земја, која најмногу во светот троши на војска и која е клучна за функционирањето на НАТО.

Трамп: ЕУ не е фер кон нас, а јас сум доследен гениј

За целото ова денеска на прес конференција зборуваше и самиот Трамп, во свој стил, одговарајќи на прашања на новинарите.

„Вчера им реков дека сум многу незадоволен со она што се случува и дека мораат да ги зголемат своите трошоци за војската. Сега сум позадоволен и НАТО е посилен отколку пред два дена“, рече Трамп.

На прашањето дали сојузниците во НАТО се загрижени поради неговите индиректни закани за напуштање на сојузот, тој рече дека грижа постои.

„Веројатно се загрижени, но сега ќе одделуваме средства за НАТО, кои ќе одат и до 40 милијарди долари. САД плаќаше околу 70 отсто од трошоците за НАТО, тоа не е фер. Преговараме и со Европската Унија, која е неправедна кон американските фармери“, вели Трамп.

„Мислам дека давањето на повеќе пари за војска, не им одговара на Русија. Ние носевме најголем дел од товарот, но на крај состанокот беше фантастичен, односно сите 29 членки ветија дека ќе ги зголемат своите трошоци“, одговори Трамп на прашањето, дали неговите критики на сметка на Германија одат во корист на Русија.

Потоа додаде: „Сметам дека не е потребно САД да излезат од НАТО, бидејќи членките ветија дека ќе ги зголемат трошоците за војска“.

Трамп уште еднаш се пофали дека е „доследен гениј“, па потоа се пожали дека „ЕУ не се однесува фер кон САД“.

Коментирај