Свет

Трамп испраќа околу илјада војници на Блискиот Исток поради „иранската закана“

18. јуни 2019 - 8:27 | МИА/КАЈГАНА

САД ќе испратат околу илјада војници и воена опрема на Блискиот Исток како одговор на „заканата“ од Иран, изјавија синоќа од Пентагон.

„Одобрив префрлање на околу илјада војници за одбранбени цели поврзани со закани од воздух, море и копно на Блискиот исток“, изјави Патрик Шанахан, вршител на должноста министер за одбрана на САД.

Според него, Вашингтон не влегува во конфликт со Иран, иако државниот секретар Мајк Помпео ден претходно рече дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп не ја исклучува можноста за воена акција против Иран. Мерката е во прилог на безбедноста на веќе присутните воени служби и заштита на националните интереси на САД во регионот. Министерот изјави дека САД вршат мониторинг на теренот и можат да донесат одлука за раширување на военото присуство зависно од разузнавачките извештаи и кредибилните закани.

Како што е веќе познато, на 13 јули во Оманскиот Залив се случија експлозии на два нафтени танкера, јапонски и норвешки. Според извори од ирански и арабски медиуми танкерите биле нападнати во близина на Ормускиот теснец. Сите 44 морнари на тие пловила се евакуирани од ирански итни служби и префрлени во пристаништето Џаск, лоцирано на територија на Иран.

Одговорноста за експлозиите САД ја префрлаат на Иран, а Техеран ги отфрла обвинувањата.

Иран се наоѓа под строги санкции наметнати од САД откако Вашингтон истапи од Заедничкиот продлабочен план (ЈЦПОА), или таканаречаниот нуклеарен договор склучен меѓу Иран и петте постојани членки на ОН плус Германија.

Експертите сметаат дека САД и Иран влегуваат во конфликт, посебно по вчерашното соопштение од иранско официјално лице дека Техеран ќе ги намали обврските кон ЈЦПОА и ќе почне збогатување на ураниум за изградба на атомска бомба.

Коментирај