Свет

Трамп: Не знам дали ќе се сретнам со Ким

16. мај 2018 - 20:06 | МИА

Вашингтон, 16 мај 2018 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека засега не е јасно дали ќе се одржи неговата закажана средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

- Мораме да видиме. Нема одлука, воопшто не сме информирани.. Не видовме ништо, не слушнавме ништо, изјави Трамп.

Американскиот претседател нагласи дека и покрај се, тој ќе продолжи да инсистира на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

Северна Кореја вчера се закани дека би можела да ја откаже средбата меѓу Трамп и Ким превидена за 12 јуни во Сингапур, поради најавените јужнокоројско-американски воени вежби.

Од истите причини, властите во Пјонгјанг ги откажаа и за денеска предвидените разговори на високо ниво меѓу претставници на Северна и Јужна Кореја.

Претходно денеска портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс изјави дека САД и натаму се надеваат дека ќе се одржи планираната средба меѓу Трамп и Ким, додавајќи дека се подготвени за тежок преговарачки процес.

- Се уште се надеваме дека средбата ќе се одржи и ќе продолжиме по тој пат, но истовремено подготвени сме дека тоа би можеле да бидат тешки преговори, изјави Сандерс во интервју за Фокс њуз.

Таа додаде дека Трамп е подготвен за средба, но дека доколку таа не се оствари, тогаш САД ќе продолжат со кампањата за вршење максимален притисок.

Коментирај