Свет

Трамп за новинарката која го обвинува за силување: Не е мој тип!

25. јуни 2019 - 14:26 | А.С.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги негира обвиненијата дека сексуално ја нападнал Елизабет Џин Керол, колумнистка на списанието Elle, со објаснување: „Не е мој тип!“

Елизабет Џин Керол тврди дека американскиот претседател сексуално ја нападнал во соблекувална во стоковната куќа Bergdorf Goodman на Менхетен во средината на 90-тите години.

Ваквите тврдења таа ги изнесе во нејзината книга „What Do We Need Men For? A Modest Proposal“, од која извадоци беа објавени во списанието New York Magazine.

Трамп ги отфрли обвинувањата дека силувал жена во соблекувална во средината на 90-те на минатиот век, нарекувајќи ги „фикција” и „лажни вести”, наведувајќи дека не постојат докази за таквите тврдења на Керол.

Кога пред неколку дена таа излезе со обвинението, тој рече дека никогаш не ја запознал Е. Џин Керол и ја обвини дека нејзината мотивација за такви тврдења е „да ја продаде новата книга”.

Сега има уште пошокантна изјава:

„Ова го кажувам со најголема почит: Прво, не е мој тип! Второ, тоа никогаш не се случило. Не се случило, ок?“, изјави тој за The Hill.

75-годишната Керол рече дека размислува да поднесе формално обвинение против Трамп. Досега, таа е 16-тата жена која јавно го обвинила Трамп за некаков вид на сексуално вознемирување или злоставување. Трамп ги негира сите обвиненија и тврдења.

Американскиот претседател ги повика сите кои поседуваат „информации дека Демократската партија соработува со Керол или New York Magazine да ја известат Белата куќа, пренесува BBC.

„Треба да се срамат тие кои измислуваат лажни приказни за напад, со цел да добијат публицитет за себе или да ја продадат книга, или прават политичка агенда“, наведе Трамп.

Тој, исто така, ѝ се заблагодари на стоковната куќа Bergdorf Goodman бидејќи потврди дека нема видеозапис за таков инцидент.

Во дел од книгата на Керол за „најгнасните мажи во мојот живот“, таа пишува дека се сретнала со Трамп на крајот на 1995 или почетокот на 1996 година, во наведената стоковна куќа во Њујорк.

Керол пишува дека, по првично пријателската средба со Трамп во Bergdorf Goodman во 1995 и 1996 година, тој ја турнал до ѕид во соблекувална, ги соблекол панталоните и се фрлил врз неа.

Керол тврди дека, по голема борба, го турнала и избегала од продавницата.

Коментирај