Фудбал

Трансфер сагата продолжува: Перез забрани новинарски прашања за бунтовникот Модриќ

10. август 2018 - 9:55 | А.С.

Претставувањето на новиот голман на Реал Тибо Куртоа ја засени аферата околу заминувањето на еден од најважните фудбалери на мадридскиот клуб во Интер.

Претседателот Флорентино Перез не сакаше да зборува за можниот трансфер на Лука Модриќ, но клубот му испрати моќна порака на бунтовниот плејмејкер.

„Историјата на Сантијаго Бернабеу е таква што тука мора да играат само најдобрите играчи на светот, но тие мора со страст да го носат нашиот идентитет и да создаваат историја“, изјави Перез.

Потоа им забрани на новинарите да поставуваат прашања за Модриќ.

Медиумите сепак добија информација дека играчот за врска кој јасно кажа дека не сака веќе да игра за Реал Мадрид е ставен на списокот со играчи испратен до УЕФА за натпревар од европскиот Суперкуп.

Реал Мадрид игра против Атлетико на 15 август во Талин.

А сагата околу трансферот на Модриќ се менува од ден во ден. По шест години и четири освоени титули во ЛШ, без мотив во Реал и со желба за нови предизвици, хрватскиот капитен очајно сака да се сретне со Перез и да го официјализират неговото заминување во италијански Интер.

Реал пак, пред три дена, без никакво објаснување, со една фотографија порача дека Модриќ не оди никаде.

Првакот на Европа објави фотографија на социјалните мрежи за промоција на новиот дрес на клубот токму со Модриќ. Со вклучување на најдобриот играч на СП 2018 во промотивните активности на клубот, јасно стави до знаење дека тој останува играч на Реал.

Модриќ, заедно со менаџерот Владо Лемиќ и претставникот на Интер Џузепе Ризо требаше да се сретнат со претседателот на Реал Флорентино Перез во средата. Меѓутоа, состанокот не се одржа, туку Модриќ се сретна со Хозе Анхел Санчез, втор челник на клубот.

Според италијанскиот весник „Gazzette dello Sport“, Модриќ на Санчез отворено му кажал: „Сакам да одам во Интер“.

Санчез му одговорил дека клубот сака да го задржи, но Модриќ побарал состанок со Перез. Оваа средба би можело да се одржи денес.

Во разговорот со Санчез, Модриќ се повикал на џентлменскиот договор со Перез, каков што имаше и Кристијано Роналдо – дека може да замине од клубот ако добие добра понуда, а оваа од Интер е повеќе од добра.

Интер му нуди на Модриќ четиригодишен договор од 10 милиони евра по сезона, како и опција по истекувањето на договорот да потпише двегодишен договор со кинески Ѓијангсу, чиј сопственик е Suning Holdings Group, истата компанија што е сопственик на Интер.

Италијанците прво би го позајмиле Модриќ на една година за 15 милиони евра, со што би избегнале проблеми со финансискиот ферплеј, а следното лето би го откупиле неговиот договор со Реал за дополнителни 25 милиони евра.

Коментирај